Откако се најавија измените на Законот за работни односи во однос на делот за пензионирање, во јавноста се пласираат различни толкувања околу тоа кој кога ќе оди во пензија, а едно од прашањата што најмногу побуди интерес е кога жените ќе одат во пензија – на 62 години, или на 64 години.
Според измените на Законот „Договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено“. Но, според Законот за пензиско и инвалидско осигурување „Осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж“.
Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров вели дека во пензискиот закон станува збор за позитивна дискриминација, односно дека жената ако сака може да оди во пензија на 62 години, но ако не сака, таа може да го извести работодавачот дека сака да работи до 64 години.
– Уставниот суд одлучуваше за различните години за пензионирање. И според одлуката на Уставниот суд, одењето на жена во пензија на 62 години, а на маж на 64 години значи дискриминација и затоа мора и на едните и на другите да им се даде еднава можност за одење во пензија. Така, жените што сакат може да одат во пензија на 64 години, но може и да го искористат своето право да одат на 62 години – вели Димитров.
Повеќе на слободен печат.мк