Одложени се новите правила и седумте евра за влез во Европската Унија(ЕУ).
ЕУ објави дека се одложува примената и на системот ЕТИАС, кој беше планиран за мај годинава, а кој, заедно со исто така одложениот ЕЕС, според експертите, барем на почетокот од примената би бил причина за метеж и за нервози, но и трошок од 7 евра за влез во Унијата.
„ЕТИАС во моментов не е оперативен и нема да почне во првата половина на 2025 година. Во моментов, на патниците не им требаат нови процедури, освен најави. Европската Унија ќе објави за почетокот на ЕТИАС неколку месеци пред неговото лансирање“, се наведува на официјалната веб-страница.
Претходно одложениот систем за влез/излез – ЕЕС требаше да се имплементира во ноември лани, а според последните информации, ќе се воведе подоцна годинава.
Системот ЕТИАС (Европско електронско овластување за патување) ќе вклучува издавање патна дозвола, која ќе чини седум евра. Таа ќе биде поврзана со пасошот на патникот и ќе важи три години или до истекот на важноста на пасошот.