АД ЕСМ објави дека со новиот пакет на мерки на штедење се намалени платите на директори, намалени се јавни набавки и расходите на акционерското друштво во државна сопственост.
„Преземени се пошироки мерки за заштеди и преку намалување на издатоците за плати и надоместоци, почнувајќи од платите во Управниот одбор, односно намалени се платите на генералниот директор на АД ЕСМ, и на заменик генералниот директор, како и други издатоци на име месечни примања, кои ќе придонесат за намалување на трошоците во делот на платите“, известуваат од државни електрани.
Во годишниот план за јавни набавки има намалување за 96 милиони евра, во финансискиот план се кратат расходи за 8,3 милиони евра, а во инвестициската програма има редуцирање на 117 милиони евра.
„Издадени се решенија за мерка принуден одмор до два месеци врз основа на доброволно пријавување на работниците, согласно Законот за работни односи, со исплата на 70% од платата, со што исто така ќе се остварат заштеди. Уште од декември 2021г. намалени или целосно запрени се и сите други трошоци, односно: спонзорства, репрезентации, службени патувања кои не се строго поврзани со производството на електрична енергија, сведена е на неопходниот минимум исплатата на прекувремени работни часови, законската дневница за патување се исплаќа во половина износ, запрена е набавката на возила, освен возила потребни за производниот процес, употребата на патнички возила е целосно и строго рационализирана“, дополнуваат од ЕСМ.