Метро станица во Брисел, Белгија е именувана според легендарната кралица на Ромската песна, Есма Реџепова. Одлуката доаѓа со цел да им се оддаде почит на жените кои придонеле во обликувањето на историјата на Европа, пренесуваат белгиските медиуми, објави Фокус.
-Ја редизајниравме мапата на метрото во Брисел, со цел да им оддадеме почит на овие жени, кои ја обликуваа Европската историја. Само две станици во Брисел беа именувани според жени, кога се улиците во прашање, дури 14 пати повеќе се сретнуваат имиња на мажи, отколку на жени, а во Париз само четири од вкупно 302 метро станици се именувани според жени – велат од здружението ,,Пријатели на Европа” кои стојат зад проектот.
Инаку, дури 69 станици во бриселското метро добиле нови имиња, според влијателни жени од светот на политиката, науката, економијата, уметноста и спортот. Покрај Есма, метро станици се именувани и во чест на Роза Луксембург, Ангела Меркел, Марија Кири, Маргарет Тачер, Одри Хепберн, Коко Шанел…