Гледачите на серијата „Сексот и градот“ наскоро, на платформата „Ербнб“ ќе имаат можност да изнајмат стан уреден во стилот Кери Бредшо, најпопуларниот лик од хит серијата „Сексот и градот“.
Како дел од претстојното продолжение на серијата, насловено „And Just Like That“, актерката Сара Џесика Паркер потпиша соработка со платформата за сместувања и „Ворнер брос“. Имено, на обожавателите им се нуди ноќевање во апартман во населбата Апер Ист Сајд во Њујорк. Резервациите ќе можат да се направат од понеделник, 8 ноември од 12 часот на интернет-страницата.
Само на 12. и 13 ноември гостите ќе можат да преноќат за 23 долари – во чест на 23-годишнината од „Сексот и градот“.
-Ликот на Кери Бредшо ми е многу драг и мило ми е што имам можност повторно да бидам дел од нејзиниот свет. Возбудена сум што нашата публика ќе го доживее Њујорк на Кери како никогаш досега, рече Сара.
Во станот има бројни мотиви од главната хероина од серијата, а меѓу нив се лаптоп и стар телефон. Има и ланче „Кери“. Гостите ќе можат да ја носат нејзината облека, вклучувајќи го и здолништето од воведната најава.