Финска ќе воведе задолжителни тестови за корона вирус и карантин за патници од земји со висок ризик, откако 24 од 157 патници кои пристигнале во Финска од Скопје, биле позитивни на Ковид-19.
Како што пренесе Ројтерс, тестирањето било организирано на аеродромот Турку во Финска во саботата за сите патници кои пристигнале на летот од Скопје, откако властите откриле дека два главни извора на последните инфекции со коронавирус во Финска биле летови од Македонија и од Романија, им изјави на новинарите Киуру, министер за семејни работи и за социјални услуги.
– Епидемијата е на Балканот, – рече Киуру говорејќи за неодамнешното мало покачување на бројот на инфицирани во Финска.
Задолжителниот двонеделен карантин и можниот случаен тест за корона вирус по пристигнувањето во Финска ќе бидат применливи за секој што ќе пристигне од земја со повеќе од 8 до 10 нови случаи на ковид-19 на 100.000 жители во последните 14 дена – соопштија властите.
Неисполнувањето на двонеделниот карантин ќе биде санкционирано со до три месеци затвор или парична казна.
Во моментов, правилото важи за повеќето земји, со исклучок на 25 земји како што се Италија, Јапонија, Грција и Норвешка каде инфекциите остануваат ниски.