Новак Ѓоковиќ и британската тениска легенда Енди Мареј повеќе нема да соработуваат, потврдија од двата табора. Одлуката е донесена по взаемен договор и значи дека Мареј нема да биде дел од тимот на Ѓоковиќ на престојниот Вимблдон, каде што српскиот ас ќе се обиде да ја освои својата осма титула на овој престижен турнир.
“Ти благодарам тренеру Енди за посветената работа, забавата и поддршката во последните шест месеци на теренот и надвор од него. Навистина уживав додека го продлабочувавме нашето пријателство заедно“, напиша Новак во своето официјално обраќање.
Соработката започна во ноември минатата година, а под водство на Мареј, Ѓоковиќ стигна до полуфиналето на Австралија опен, каде што се повлече поради повреда откако го загуби првиот сет.