По реакциите околу квалитетот на композициите и гласините за наводното местења на годинешниов „Макфест 2019“ што почнаа да се шират во јавноста, преку својот Фејсбук профил се огласи еден од основачите и долгогодишен директор на штипскиот фестивал, Стојан Троицки.
„Вчера, некаде околу 21,30 часот на Канал 5 телевизија, во емисијата Бекстјџ, беа изречени многу остри критики и обвинувања на адреса на штотуку завршениот Макфест. Двајца млади луѓе директно во камера пренесоа нивни импресии за лошата организација фрлија сомнеж за некакви можеби коруптивни активности:
Како штипјанец и долгогодишен креатор на овој Фестивал не можам да останам рамнодушен, па одлучив да споделам неколку информации.
Во далеката 1989 година бев на Фестивалот ,,Ваш шлагер сезоне,, во Сараево. Овде присуствуваа скоро сите директори на тогашните најдобри југословенски фестивали. Бевме гости на Никша Дабовиќ, директор на Фестивалот. Победи Сенад из Босне. Но, утредена кога се спремавме да отпатуваме разбравме дека истиот е уапсен, односно, притворен зараде местење-лажирање на Фестивалот.Толку.
Вчерашното сведочење на младите учесници ме потсети на таа епизода од Сараево. И овде толку.
Не знам кој го контролира штипскиот фестивал и дали некој се грижи за него или тој служи за саморекламирање на нашите локалци. А некогаш Макфест беше меѓународна манифестација. Прочитав многу лоши информации за состојбите со него иако веќе со године лека полека се разградува сето она што го сработивме со голем број соработници.
И замислете парадокс. Јас сеуште сум жив и здрав,тука на дофат на локалната самоуправа не сум протоколарно поканет на Фестивалот, а камо ли да бидам повикан за да помогнам и да се сопре или спречи понатамошното негово руинирање. Толку. Приказната е многу голема можеби некогаш некој ќе се позанимава со неговата историја,“ напиша Стојан Троицки.