Антивирусните пилули развиени од Мерк и Фајзер/Бионтек се покажаа како успешни во ублажувањето на тешките ефекти на Ковид-19 доколку се земаат во рана фаза, но лекарите забележуваат дека спречувањето на болеста со вакцинација е подобро решение од третманот со таблети, пренесува Хина.
Според истражувањето на Фондацијата „Kaizer Family“, 72 отсто од возрасните Американци ја примиле првата доза од вакцината против коронавирус. Сепак, темпото на вакцинација е забавено, додека ставовите на Американците за безбедноста на вакцината против болеста во голема мера зависат од нивната партиска пристрасност.
Задолжителните вакцини воведени од некои приватни компании, федерални држави и администрацијата на претседателот Џо Бајден се заслужни за зголемувањето на поделбите на населението, но исто така предизвикаа дебати за ставовите за вакцинацијата.
Некои експерти за заразни болести стравуваат дека пристигнувањето на антивирусни таблети може дополнително да ја наруши кампањата за вакцинација.
Прелиминарните резултати од истражувањето на 3.000 американски граѓани, спроведено од Универзитетот во Њујорк, откриваат дека достапноста на апчиња може да ги одврати луѓето од вакцинација, рече Скот Рацан, кој го предводеше истражувањето од споменатиот универзитет.
Рацан додава дека секој осми испитаник избира третман со таблети наместо вакцинација, што според него е висок процент.
Неговата загриженост е поврзана со податоците објавени од Фајзер, според кои експерименталните антивирусни апчиња „паксловид“ го намалуваат ризикот од хоспитализација и смрт за 89 отсто кај возрасните со висок ризик.
Резултатите на Фајзер дојдоа откако Мерк и Риџбек на 1 октомври објавија дека нивниот лек, молнупиравир, го намалува ризикот од хоспитализација и смрт за 50 отсто.