Инфекцијата со коронавирусот стана нормална работа и во таа смисла се поставуваат многу логични прашања. Еден од нив е колку брзо можете повторно да се заразите?
Болеста ковид-19 е предизвикана од вирусот САРС-КоВ2, кој се смета за високозаразен вирус. Вирусот веќе нѐ „нападна“ во различни мутации, но не може да се исклучат ниту новите мутации на вирусот во иднина.
Повторната зараза со овој вирус е можна доколку не ги следите упатствата за превенција од зараза со коронавирусот. Од многуте превентивни мерки кои можат да го намалат преносот на ковид-19, најефективни се носењето маски и честото миење на рацете.
Што е реинфекција со коронавирус?
Кога некое лице ќе се зарази со коронавирус повеќе од еднаш, се вели дека таа личност е повторно инфицирана (реинфицирана) со вирусот.
„Реинфекцијата со вирусот што го предизвикува ковид-19 значи дека лицето било заразено, закрепнало и потоа повторно се заразило. По закрепнувањето од ковид-19, повеќето луѓе ќе имаат некаков вид заштита од повторна зараза. Сепак, реинфекции сè уште се случуваат“, велат од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
Колку брзо може да дојде до реинфекција со коронавирус?
Многу експерти го поврзуваат имунитетот со реинфекцијата. Иако не постои дефинитивен одговор за тоа колку брзо можете повторно да се заразите со коронавирус, според најновите податоци објавени од ЦДЦ добиени од истражувањата се покажало дека три месеци од прележаната болест не е потребно повторно тестирање, освен ако лицето не покаже симптоми на ковид-19.
Друга студија вели дека „повеќето луѓе кои се заразуваат со коронавирус, без разлика дали имаат или немаат симптоми, произведуваат антитела и клетки кои се борат против вирусот. За оние кои закрепнале, шансите за реинфекција се мошне мали во првите три месеци по првичната инфекција“.
„Ако сте имале блага зараза и не сте имале добар имунолошки одговор и сте повторно изложени на голема количина на вирусот, повторната зараза е дефинитивно можна“, рекол д-р Томас Русо, професор и шеф за инфективни болести на Универзитетот Бафало во Њујорк.
Исто така, значаен фактор е и здравствената состојба на лицето кое се заразило повторно, неговиот имунолошки одговор на зарази, како и склоноста кон развивање тешки симптоми на болеста.
Зошто е можна повторна зараза со коронавирус?
Сепак, со сојот омикрон постојат и реинфекции во пократок период од гореспоменатиот.
Најголем ризик за реинфекција е кога сме изложени на лица кои се асимптоматски. Станува збор за луѓе кои се заразени со вирусот, но не покажуваат никакви симптоми. За време на последниот бран на ковид-19, кој главно се должи на омикрон, повеќето зарази се случија поради асимптоматските преносители, пишува „Times of India“.