Економската директорка на Клиниката за токсикологија која е назначена од неодамна, Бесија Илјази не знае македонски. Со цел полесно да се разбере со персоналот и преведуваат двете секретарки кои се вработени на клиниката, пишува МКД.мк. Од нивните информации на работа директорката доаѓа со нејзиниот татко.
„Ја видовме само еднаш кога дојде да се претстави. Тоа што го кажуваше го читаше од ливче на исклучително лош македонски јазик. Неколку пати ја видовме како низ ходниците оди со татко ѝ кој личи како да е нејзино обезбедување“, велат извори за порталот.
Од Министерството за здравство МКД.МК доби кус одговор дека Иљази е назначена за директорка на Клиниката за токсикологија на 14 -тифевруари годинава.
„Бесија Иљази е назначена за организациски директор на Клиниката за токсикологија на 14 февруари оваа година, секоја универзитетска клиника според законот за здравствена заштита треба да има по двајца директори, еден медицински и еден организациски директор. Таа има завршено економски факултет, со претходно работно искуство во струката“, пишува во одговорот од Минстерството за здравство.
Оттаму не одговорија на прашањата дали до Министерството за здравство стигнале поплаки за нејзината работа и од која работна позиција Иљази доаѓа како економски директор на Клиниката за токсикологија.
Од информациите кои дошле МКД.мк Илјази завршила Економски факултет на Тетовскиот универзитет, а претходно била вработена во одделението за финансии во општина Тетово, но и во кабинетот на заменик министерот за култура Седат Сулејмани. Но од ова министерство велат дека Бесија Иљази никогаш не била вработена таму.
„Лицето за кое прашувате, Бесија Иљази никогаш не била вработена во Министерството за култура, туку била ангажирана со договор на дело во кабинетот на заменик министерот за култура Седат Сулејмани, од септември 2020 до 17 јануари 2022 февруари“, пишува во одговорот што го добивме од Министерството за култура.
За Министерството за здравство нема ништо спорно во назначувањето на нови организациски директори.
„Назначувањето е согласно Законот за здравствена заштита, врз основа на кој секоја универзитетска клиника треба да има по двајца директори, еден медицински и еден организациски директор. Овие директори ги исполнуваат условите за функцијата што ја извршуваат“, велат од Министерството за здравство.