Британскиот неделник „Економист“ во својот новогодишен број предвидува дека пребројувањето на населението догодина ќе покаже дека Македонија има 1,5 милиони жители.
Најавувајќи го првиот попис во државава по 19 години во своето празнично издание со наслов „Светот во 2021 година“, лондонскиот магазин ѝ прогнозира на Македонија намалување на населението за една четвртина во однос на нешто повеќе од два милиона изброени во 2002 година.
„Од падот на комунизмот и крајот на крвавата југословенска војна, луѓето на Балканскиот полуостров имаат помалку деца и повеќето се раселени. На иселувањето на квалификуваните луѓе им помагаа делови на Европа гладни за работници, како што е Германија, што им олесни на граѓаните од земјите што не се членки на ЕУ да добијат работни дозволи. Фактот што никој не знае точно колку луѓе заминале, а колку се останати, создава проблеми за планерите во балканските земји.
Македонија нема спроведено попис од 2002 година. Оттогаш, Заводот за статистика направи проекти засновани на поранешната состојба во земјата. Статистичките податоци проценуваат дека во Северна Македонија моментално живеат 2,08 милиони луѓе, но реалната бројка може да биде околу 1,5 милиони“, пишува „Економист“.
Реномираното списание заклучува дека комбинацијата на иселување и низок наталитет, во отсуство на доселување, ги празни балканските држави, што очекува да го потврдат резултатите од пописите во земјите од регионот во 2021 година.