Нускобуџетната авиокомпанијата „Визер“ која првично планираше да ги започне услугите од регионот на 1 мај, сега ги одложи повеќето летови до средината на мај или почетокот на јуни. Авионите на “Визер“ повторно од Скопје и од Охрид ќе летаат од 17 мај на сите дестинации освен Малта. Од 2 јуни ќе се лета и за Малта.
Како што официјално соопшти оваа авиокомпанија, патниците кои резервирале билети за суспендираните летови ќе бидат обесштетени. Оние кои резервациите ги направиле директно на веб-страницата или преку мобилната апликација на авиокомпанијата, за начините на кои ќе бидат обесштетени ќе бидат известени преку електронска порака.
Како што пишува специјализираниот портал „Ексјуавиејшн“, веќе има најава дека со ограничен распоред на летови за Белград ќе почне од 1 мај, петок, наместо од 15 мај, како што беше претходно најавено. До главниот град на Србија, „Визер“ ќе продолжи со летови од лондонски Лутон, три пати неделно во текот на првата недела, а до 11 мај бројот ќе се зголемува до четири лета неделно. Според порталот билетите веќе се пуштени во продажба.
Порталот пренесува дека директорот на „Визер“ во Велика Британија, Овен Џонс, рекол дека при обновата на летовите од Лутон примарна грижа на компанијата и се здравјето и сигурноста на патниците и персоналот, па затоа се воведуваат заштитни мерки.
-Кабинскиот персонал ќе мора да носи маски и ракавици за време на летот и ќе им дели дезинфекциски марамчиња на патниците. Авионите ќе бидат дезинфицирани преку ноќта. Патниците ќе ги замолиме да се чекираат и да го извршат плаќањето за багажот преку интернет, за да се намали контактот меѓу луѓето на аеродромот, додава Џонс.
Инаку, македонската Влада има договор за субвенционирање на летовите на „Визер“ до и од нашата земја. Овој договор во моментов е во мирување поради суспендираните летови.