Институтот за јавно здравје на Англија објави дека податоците покажуваат дека по една доза на вакцина АстраЗенека против ковид-19, ризикот од смрт во случај на болест е намален за 80 проценти.
Исто така, се наведува дека заштитата од фатален исход по една доза на вакцина Фајзер/Бајонтек е 80 проценти, а по две дози 97 проценти.
Институтот за јавно здравје на Англија ги објави овие податоци врз основа на студија за заштита од смрт, која е прва од ваков вид и е спроведена во реални околности.
Студијата опфати случаи од декември до април и луѓе кои починале во рок од 28 дена по позитивниот тест.
Луѓето кои примиле единечна доза вакцина АстраЗенека биле 55% заштитени од смрт доколку се заразат, во споредба со 44% по една вакцина Фајзер во споредба со невакцинираните лица.
„Во комбинација со заштитата што вакцините генерално ја даваат против болеста, тогаш тоа значи дека заштитата од смрт по единечна доза на обете вакцини е околу 80 проценти“, се вели во соопштението на Институтот.
Заштитата од смрт на луѓето кои примиле вакцина Фајзер е зголемена на 69 проценти кај оние кои ја примиле втората доза најмалку една недела пред тестот да покаже дека се заразени. Во комбинација за заштита од заболување, тоа значи дека вакцината Фајзер е ефикасна 97 проценти кога станува збор за смртоносен исход.