Луѓето мораат добро да бидат информирани од страна на нивната влада пред да се вакцинираат, а македонската влада веројатно не си ја завршила како што треба работата околу кампањата, не ги слушала доволно експертите и веројатно не презела одговорност за своите потези, објаснува д-р Иван Ѓикиќ, светски ценет научник и професор од Гете Универзитетот во Франкфурт на онлајн-средба со наши новинари. Според него, пандемијата нема да заврши набрзо, а ќе биде готово кога барем 60 до 70 отсто од граѓаните во сите земји во светот би биле вакцинирани.
На денешната онлајн средба „Што вели науката – до каде сме со битката против коронавирусот?“ на новинарите со Иван Џикиќ, тој напомена дека владите од регионов треба да учат од поуспешните земји, како што се Португалија (над 80 проценти на вакцинирани лица) или Ирска (91 отсто на вакцинирани).
„Додека не се надмине прагот од 60-70 отсто на вакцинирани, додека тоа не се постигне, Македонија ќе биде земја во која ризикот од починати од ковид ќе биде голем. Мора да се прати порака до владата, тоа мора да се промени“, изјави проф.д-р Џикиќ.
Тој објаснува делта сојот и делта плус сојот ќе претставуваат сериозен проблем есенва и зимата во Македонија. Четвртиот ковид бран во земјава започна во август и не стивнува. Иван Џикиќ појаснува дека недовербата на граѓаните кон владите е клучна причина зошто постои ниска стапка на вакцинирани лица во Македонија. Кампањите за вакцинација не само во Македонија, туку и во другите земји од регионот, не биле добро подготвени, но и не постоела одговорност за неуспесите во текот на ковид кризата.
„Постои огромна разлика помеѓу демократските општества, како што е Германија, каде што владата со научниците и лекарите се во добра синергија и се слушаат едни со други. Во оној момент кога владата оди против науката, тогаш во овие општества има притисок од јавноста и квалитетните медиуми“, вели доктор Иван Џикиќ. Во случаите како Македонија, Хрватска или Украина, ова не е случај, бидејќи политичарите ги искористуваат научните податоци само кога им требаат.
Научникот Џикиќ додава дека можеби 80 отсто од лицата кои не сакаат да се вакцинираат се во страв од вакцинирањето и не им веруваат на властите. Луѓето треба да бидат уверени дека треба да се вакцинираат. Постои расправа во многу европски земји, вели тој, за воведување на задолжителни ковид потврди за вработените, но ова нема да е конечно решение, доколку се спроведе единствено во една, две или три држави.
Иван Џикиќ објаснува дека и вакцинираните луѓе мора да внимаваат, да се носат маски во затворени простории, бидејќи многу е лоша пораката да се каже дека по вакцинирањето против ковид-19 сте завршиле работа.
„Кај скандинавските земји, како што се Данска и Норвешка, исто така покрај високиот процент на вакцинирани лица, кај граѓаните постои култура на држење дистанца едни со други и ова е причина плус што ги штити луѓето од ковид“, вели проф.д-р Џикиќ.
Во однос на процентот на смртност на луѓето во Македонија кои починале од ковид-19 и покрај тоа што се вакцинирани, научникот Џикиќ повтори дека мора сите да се придржуваат до превентивните мерки за спречување на ширење на вирусот. Прво, лицата кои починале од ковид имале многу висока концентрација на вирусот, бидејќи биле во контакт со заразени лица. Како второ, овие лица имале коморбидитети.
Познатиот научник Иван Џикиќ појаснува дека имунитетот којшто го даваат вакцините против ковид-19 опаѓа по 3, односно по 6 месеци од примањето на втората доза. И покрај ова, степенот на заштита од 90 отсто кај лицата кои се вакцинирани е исклучително добар процент, вели тој. За разлика од вакцината против ковид-19, кај сезонската вакцина против грипот ефикасноста се движи вообичаено од под 20 отсто до 30 отсто кај оние лица што се вакцинирале.
„Вакцинирањето против ковидот е значително подобро и значително повеќе штити во однос на вакцинирањето против грип. Ова се одлични податоци кои треба да ги знаат граѓаните“, рече Џикиќ.
Тој упати препорака до постарите граѓани и до оние со коморбидитети да се вакцинираат по 6 месеци од примените две дози. До медиумите и новинарите научникот Џикиќ упати апел да не шират сензационализам и бомбастични наслови, кои пак би можеле да предизвикаат страв и загриженост на луѓето.
Познатиот хрватско-германски научник појаснува дека одговорност постои и пред целиот свет, поради отсуството на солидарност за време на ковид-19 пандемијата во однос на дистрибуцијата на вакцините и постигнувањето на потребниот процент на вакцинирани лица. Иван Џикиќ додава дека ваквиот недостаток на солидарност може да доведе во наредните 2-3 години од ковидот да изгубиме уште неколку милиони луѓе во светот, а во иднина со непокажувањето солидарност тешко ќе се справиме со проблеми како што се климатските промени.
Проф.д-р Џикиќ појасни дека лековите против ковид-19, како што е Молнупиравир, се многу важни, бидејќи тие им помагаат на луѓето коишто се наоѓаат во болниците, тоа ќе ни помогне многу помалку луѓе да умрат, но и додаде дека лекот може да штити откако ќе се заразите.
Затоа, потенцираше доктор Џикиќ, многу е важно да се вакцинираат сите. Тој објасни дека се вакцинирал против ковид-19 со прва доза од вакцината Астра-Зенека, додека како втора доза ја примил вакцината на Фајзер. Заедно со членовите на неговото семејство, тие редовно се вакцинираат и со сезонската вакцина против грип.