За граѓаните кои нема да развијат антитела и после примањето на втората доза на кинеската вакцина „Синофарм“, треба да се размислува да примат и трета доза од друга вакцина, вели за „Фокус“ Александар Петличковски, директор на Институтот за имунологија.
Дебатата за трета доза ја отвори објавеното истражување на Институтот за медицински истражувања во Белград, според кое петина од вакцинираните со кинеската вакцина во Србија не развиле антитела, а тоа се главно лица постари од 70 години. Петличковски објаснува дека кинеската вакцина доминантно создава хуморален имунитет, односно антитела, додека клеточниот имунитет не е јака страна на оваа вакцина.
Инаку, во Македонија од вкупниот број вакцини коишто се стигнати, најбројни се кинеските вакцини „Синофарм“, односно стигнати се над 300.000 вакцини. Според официјално објавените податоци на Министерството за здравство, оваа вакцина е 86 проценти ефикасна против САРС-Ков2 инфекција, 100% ефикасна за превенција на тешка болест.