Министерот Венко Филипче, на предлог на Комисијата за заразни болести, денеска му предложил на Главниот координативен кризен штаб на Владата воведување на полициски час од 22 часот навечер до 5 часот наутро, на територијата на целата држава, заради спречување на ширењето на коронавирусот, информира Министерството за здравство. Комисијата дополнително ќе се произнесе кој ден да почне полицискиот час и до кога да трае. Владата на утрешната седница треба да го разгледа ова барање.
Микробиологот, професор Никола Пановски вели дека ја поддржува оваа мерка. Тоа би требало да го намали ширењето на вирусот, а нема многу да ѝ наштети на економијата, вели тој.
„Јас таа мерка ја предлагав уште од октомври, меѓутоа тогаш не се прифати иако имаше и повеќе случаи, од аспект што таа не влијае директно, драстично на економијата, а колку ќе спречи ќе видиме. Бидејќи е потопло времето, веројатно се смета дека се собираат луѓето, особено помладите надвор и после 22 часот. Да се спречи, помладите кои остануваат навечер, особено за викендите, да ја носат инфекцијата дома кај поризичните групи“, вели Пановски за Слободна Европа.