-Ако дозволија свадби во затворено, големи прослави и забави по разни угостителски објекти и со тоа предизвикаа катастрофа во државата, тогаш можам да кажам дека ризикот од ширењето на ковид-19 во школите не е така голем како што беше голем ризикот што не го пресметаа надлежните од големите „собиранки“ и веселби, чии последици веќе ги чувствува цела држава и особено здравствениот систем. Катастрофа е и за децата да не учат две години, но мерки кога се носат треба добро да бидат осмислени и добро да се спроведуваат, – вели микробиологот проф. д-р Никола Пановски во изјава за порталот МКД.мк.
На прашањето како ќе биде можно да се организира настава со физичко присуство кога 40 отсто од наставниците не се вакцинирани, а процентот на деца над 12 години кои се имунизирани против коронвирусот е занемарлив, Пановски вели:
– Ако ме прашувате за здравјето на децата, тие генерално лесно ја поминуваат оваа болест, особено децата под 15 години, но ќе биде проблем за нив ако според протоколите, цело време треба да носат маски на училиште. Но, главниот проблем ќе биде ако болеста учениците ја пренесат дома, кај возрасните, на татко – мајка, дедо – баба. Болеста секако, можат да им ја пренесат на невакцинираните наставници. Сепак, сметам дека училиштата нема да бидат така силна „бомба“ како што тоа беше случај со свадбите и веселбите, -вели микробиологот Пановски за МКД.мк.
Тој особено нагласува дека штетата предизвикана со дозволата да се организираат големи свадби и прослави е непоправлива.
„Како да беше направена специјална пропусница за влез на делта сојот во Македонија. Да дозволите такви масовни собирања заедно со доаѓањето на иселениците, во време кога овој многу позаразен сој на вирусот се шири низ Европа, е како да сте подготвиле вирусна бомба која експлодира на илјадници парчиња на широк простор”, вели Пановски.
Тој вели дека ќе беше сосема друга ситуацијата летово да имавме порестриктивни мерки и со тоа заразата да се држи на ниво од 10 пати пониски бројки од сегашниве, дека тогаш ризикот од отворањето на училиштата ќе беше помал.
Comments are closed.