Микробиологот професор доктор Никола Пановски, за „Слободен печат“ изјави дека полицискиот час кој е на сила од 22 до 5 наутро, не влијае негативно врз економијата, но многу е важно дали младите останатото време го користат за да излегуваат на отворено, или пак се собираат на затворено.
-Доколку се мешаат и влегуваат во молови и кафулиња, тоа е катастрофално. Надвор вирусот не се шири. Освен полицискиот час, други мерки според мене што треба да се донесат е тоа да се затворат сите молови и кафулиња за викенд и да се мотивираат сите да излегуваат на отворено и да не се собираат на затворено. Значи, не да се ограничува слободата на движење, туку да се ограничува каде населението ќе го поминува времето. Треба да се надвор, да шетаат. Мислам дека бројот на заразени ќе се намали тогаш кога ќе се појави страв поради голем број починати, 25 до 30 дневно. Се создава некој вид на имунитет секој ден има по 1.000 нови заразени, тоа се 30 илјади месечно. Има трипати повеќе што не се откриени. Меѓутоа, ова го плаќаме со голем број на жртви. Најсовршено би било да се затворат сите несуштествени дејности, ама тоа економски е неможно, – рече професорот Пановски.