Д-р Никола Пановски вели дека според податоците на Фонд за здравствено осигурување, ако во првиот дел од пандемијата претерано се препишувал антибиотикот „азитромицин“, познат и како „сумамед“ меѓу луѓето, сега се претерува со „цефиксим“, познат и како „панцеф“.
– Како што растеше бројот на случаи заболени со ковид-19 така расте и бројот на фондовски рецепти кои се даваат за овој лек. Она што загрижува е што неретко антибиотиците се препишани од специјалисти и субспецијалисти. Ние, преку социјалните мрежи научивме многу граѓани да не ги злоупотребуваат антибиотиците. Сум добил преку 1.000 пораки во кои ми покажуваат дека лекари им ги препишале. И лекарите се едуцирани, но зошто не ја применуваат едукацијата не можам да разберам, вели д-р Пановски за Нова Македонија.
Тој потенцира дека за пневмонија, која е една од честите компликации при ковид-19, не се даваат овие два антибиотика.
-Дополнително, не држи ниту објаснувањето дека се даваат антибиотиците за да се заштити пациентот при почетна пневмонија, или од неа. Тие може да влијаат врз компликации. Има препораки како се лекува пневмонија и тие треба да се почитуваат, додава д-р Пановски.