Доктор Горан Кунгуловски на својот Фејсбук профил пишува дека прележаните од Ковид-19 имаат слична заштита како и вакцинираните.
“За прележаните
Пред да се појави делта варијантата на SARS-CoV-2, заштитата на прележаните (природен имунитет преку инфекција) од повторна зараза беше слична на таа добиена од добра вакцина (вакцинален имунитет), во зависност од студијата, меѓу 80-95%. Ништо неочекувано.
Исто така се знае дека кај мнозинството на природно имунизирани (посебно тие со потешка слика), IgG антителата кон N протеинот и RBD доменот на spike протеинот се мерливи и по 12 месеци. Исто така мнозинството од нив развиваат хетероген Т-клеточен имунитет.
Сите овие сознанија водат до тоа дека природниот имунитет (прележаност) води до значајна заштита од зараза со SARS-CoV-2, исто како и најдобрите вакцини.
Значи природно имунизираните имаат слична заштита како вакцинално имунизираните со две дози. Природно имунизираните стекнуваат додатна заштита (2-3 пати) кон овој и најверојатно кон идни соеви, доколку се вакцинираат барем со една доза.
Во моите, а и во сечии очи сметам дека природно имунизираните во најмала рака имаат слична заштита од КОВИД-19 како и вакцинално имунизираните.
Кога зборуваме за достигнување на колективен имунитет треба да зборуваме за збирот на вакцинирани, вакцинирани-прележани и прележани.
Би сакал да ме едуцира некој од каде излезе ова со 45 дена. Недовербата кон науката се јавува поради политички дејствија, а не научни“, напиша д-р Кунгуловски.
Comments are closed.