Ако биде потребна потврда за извршена имунизација, најмалку со една доза, тоа ќе се коси со Резолуцијата 2361 (2021) на Парламентарното собрание на Советот на Европа (2), иако таа, наводно, „не спречува имплементација на вакцинални пасоши“ (3), пишува доктор Драган Даниловски.
Во продолжение можете да го прочитате целиот став на д-р. Даниловски во врска со потврдата за извршена имунизација:
“Осамнаа мерките за сузбивање на бранот на КОВИД-19, донесени на 97-мата седница на Владата. Предмет на постов е само сегментот што се однесува на потврдата за извршена имунизација.
„Од 16 август 2021 година се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани).“ (1)
“Мислам дека е неопходно да укажам на некои работи.
Ако биде потребна потврда за извршена имунизација, најмалку со една доза, тоа ќе се коси со Резолуцијата 2361 (2021) на Парламентарното собрание на Советот на Европа (2), иако таа, наводно, „не спречува имплементација на вакцинални пасоши“ (3).
“Меѓутоа, на сите нас, после година и пол постојан стрес, ни е дозлогрдено од притисоци, поделби, дискриминации. Со вакви мерки само непотребно тие би се потенцирале. Зошто? Зашто потврдите дефинитивно значат дискриминација! И може да попримат мирис на „жолти ленти“…
За мене, многу поважно е што оваа мерка нема никаква епидемиолошка смисла! Зошто? Затоа што сега имаме работа со делта сојот, кој во одредена мера го заобиколува имунитетот стекнат природно или со вакцина. Оттаму, подеднакво опасни ширачи на вирусот се и невакцинираните и вакцинираните со една доза! Вакцинираните само со една доза имаат заштита од симптоматска болест само од 33% (студија 1 – Public Health England), односно 36% (студија 6 – Индија) (4). А тоа е исто како да се невакцинирани! Која е, тогаш, логиката на комисијата за заразни болести што дале таков предлог!?
Од друга страна, дури и кога би се барала потврда за две примени дози и тоа не е гаранција дека тие не се заразени! Во студијата 1 (Public Health England)(4), заштита од заразување на две дози Фајзер е 80%, а во студија 5 (Израел) е 64%. (4) Да потсетам, цело време зборуваме за делта сојот!
Ова се бројки за Фајзер! За сите други вакцини – логично е – бројките се сигурно многу помали. Ако земеме предвид дека кај нас преку 70% од вакцинираните се со кинески вакцини, можеме да замислиме колкава им е заштитата на вакцинираните само со една доза…
Има и нешто друго. Ако потврдите се замислени со нив да се направи притисок за вакцинирање, тоа веќе нема смисла. Зошто? Затоа што сега и да се вакцинираат поголем број, полната заштита со Синовак ќе ја добијат после 9 недели (3 недели меѓу двете дози, плус 6 недели после втората доза – додека почнат антитела да се формираат). Значи, тоа сега не е приоритет.
Сега треба да биде приоритет израмнување на епидемиската крива преку рестриктивни мерки – засега – на места каде што е најголем интензитетот на ширење на вирусот – свадбите, веселбите, угостителските објекти, обложувалниците, јавниот сообраќај итн. Затоа што сега императив е намалување на забрзувањето на бројките. Ако периодот на удвојување во овие градови е три дена (бидејќи имаме експоненцијален раст со Rt = 4,2 – не сакам ни да сметам колку случаи – само во овие градови – би имале до крај на месецов…
Среќа во несреќа е што немаме хомогена дистрибуција на ризиците низ целата територија на државата! Практично, буквално насекаде – освен Скопје, Тетово и Гостивар – имаме очекувана, умерена динамика на ширење карактеристична за алфа. Сѐ уште имаме „локално ширење“, а не „ширење низ заедницата“ (community spread).
Вакцинацијата нема промптен ефект… Нека тече таа како што тече. Низ личен опит, сите скептици полека сами ќе увидат дали треба или не треба да се вакцинираат
– без принуда, без барање било какви потврди! Во пресрет на есента, треба да се фаворизира вакцинацијата на постарите граѓани и хроничните болни. Процентот на вакцинирани само со една доза во возрасните групи преку 50 години од околу 60% е недоволен. А колку меѓу нив се со две дози?
Кога станува збор за делта сојот, на сите во светот им стана јасно дека не може да се смета само на вакцинацијата, која мора да се интензивира. Но, неопходни се и повремени рестрикции во ситуации каква што е нашата актуелна.
Што да се прави?
По мое скромно мислење, целисходно може да биде барање на негативен антигенски (рапид) тест за – и вакцинирани и невакцинирани и прележани! Зошто? Бидејќи концентрацијата на вирусот е повисока, таа спаѓа во опсегот на детекција на рапид антигенските тестови.
Или, може да се бара потврда со број на антитела – независно дали се работи за прележани или вакцинирани со една или две дози! Зошто? Затоа што, многумина кои формално имаат потврда дека се вакцинирани со две дози, може да се случи да имаат НУЛА антитела! И со потврдата ќе одат на свадба, во кафеана… и ќе го шират вирусот – подмолно…
——————
Да расчистиме и една дилема за прележаните! Тие имаат повисоко ниво на заштита од вакцинираните само со една доза. Ако им се даде само една доза Фајзер, добиваат повисоко ниво на заштита од непрележаните вакцинирани со две дози. Со втора доза, не се постигнува никаков ефект (5,6,7,8). Ако би се користела Синовак, веројатно би биле потребни две дози.
И конечно, во официјалните соопштенија за дневните бројки на заразени, крајно време е да се соопштува колку се вакцинирани (со една и две дози) и прележани, а колку се невакцинирани, напиша Даниловски.