– Можеби не требаше да се олабават мерките, но тоа е тоа, ќе видиме што ќе се случи. Не верувам дека ќе се случат некакви спектакуларни зголемувања на бројките, но и малку да порасне бројот на нови случаи, со тоа некако пропорционално оди и зголемување на бројот на починатите, така што штета за тие што ќе заминат. Треба малку повеќе трпение да покажеме. Ете полека ќе дојде и до пристигнување на вакцината. Кај нас веќе околу половина од населението практично имало контакт со вирусот. Ние всушност на природен начин се справуваме со епидемијата. Вирусот веќе многу тешко доаѓа до нови жртви, уште малку само треба да издржиме – вели епидемиологот Драган Даниловски во разговор за Радио Слободна Европа.
Додека да пристигнат вакцините, Македонија е на пат да постигне колективен имунитет, посочува Даниловски.
– Ќе се доведеме во ситуација аналогно како со сезонскиот грип. Ќе останат и понатаму незаштитени и ризични оние со хронични заболувања, постарите од 65 години, ќе останат изложени и под ризик одредени специфични професии како што се здравствените работници, така што кога ќе дојдат вакцините овде ќе биде аналогна ситуација како со грипот, пак ќе речам, да треба да се вакцинираат само тие – вели Даниловски.