Во своето гостување во дебатата на 360 степени, претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова, истакна дека вакцината Астра Зенека е безбедна и дека тоа е видливо според бројката на вакцинирани граѓани кај нас со оваа вакцина кои досега не пријавија несакани ефекти од неа.
„Заклучно со 31.03.2021, вакцината Астра Зенека кај нас беше дадена кај 663 возрасни пациенти над 77 години, и досега не е покажана никаква несакана состојба, и тоа радува. Оттаму, ако имаше опасност на оваа бројка сигурно ќе се покажеше. Што се однесува до бенефитот, неспоредлива е разликата од еден заболен пациент од Ковид 19 и еден вакциниран граѓанин. Потешки и полоши се компликациите од вирусот доколку некој се зарази. Истата платформа со која е работена Спутник е и онаа на Астра Зенека. Јас уверувам дека станува збор за непотребна паника кај граѓаните и дополнително треба да веруваме на науката и истражувањата и треба да бидеме сигурни во безбедноста“, истакна Грозданова.
Во врска со одлуката оваа вакцина засега да не се дава на лица помлади од 60 години, Грозданова веlи дека станува збор за претпазливост.
„Нормално е кога вакцината се користи во милионски дози да се најдат и луѓе кои ќе реагираат на ваков начин, кои ќе имаат несакани реакции. Она што денеска го слушнавме од германското регулаторно тело е дека препорачуваат за оние кои се под 60 години и веќе ја примиле првата доза на ‘Астра Зенека’ да не се ревакцинираат со истата, туку ревакцината да се направи со некоја од другите вакцини со мРНА како ‘Фајзер’ и ‘Модерна’. Но, ова сепак останува само во рамки на препорака“, истакна докторката, пренесе 360 степени.