Омикрон варијантата станува доминантна во Македонија, врз основа на прелиминарни лабораториски извештаи. Треба многу сериозно да се земе бидејќи со себе носи голем ризик за инфекција, поради поголема заразност и способност да го избегне постоечкиот имун одговор, пишува во својата Фејсбук објава доктор Харис Бабичиќ по потекло од Македонија кој неколку години работи на Каролинска институтот во Стокхолм.
“Некорисен е наративот дека ова е полесна форма на КОВИД-19 и дека треба да ѝ се препуштиме. Уште не знаеме со сигурност колку помал е ризикот од хоспитализација со омикрон споредбено со делта, но знаеме сигурно дека омикрон може да доведе и до хоспитализација и смрт.
Брзиот пораст во бројот на случаи и да води кон пропорционално-помал број хоспитализирани, пак може да доведе до голем број луѓе хоспитализирани во болниците кои ќе го оптоварат здравствениот систем.
Некорисен е и наративот дека вакцинираните и невакцинираните имаат ист ризик од омикрон.
– Немаат, невакцинираните имаат поголем ризик од полош исход. Имуниот одговор стекнат кон претходни SARS-CoV-2 варијанти има вкрстена реакција и кон омикрон варијантата и КОВИД-19 вакцините ни помагаат и ќе ни помагаат да се соочиме со варијантата.
Омикрон не ни помага во соочувањето со пандемијата, ни одмага и го одолговлекува крајот. Така да ве молам, продолжете и понатаму максимално да се штитите од варијантата и следете ги истите препораки како досега:
1. Држете физичка дистанца;
2. Мијте раце;
3. Носете маска во затворени простории кога сте со луѓе со кои не живеете;
4. Редовно вентилирајте ги просториите;
5. Максимално избегнувајте големи собири и гужви на затворено;
6. Покријте се со внатрешноста на раката (не дланката) кога кивате и кашлате;
7. Доколку имате било каков симптом на КОВИД-19, изолирајте се и тестирајте се.
Посебно важно е да:
8. Доколку не сте вакцинирани, примете две дози вакцина;
9. Доколку сте целосно вакцинирани, штом можете, примете бустер трета доза”, напоша д-р Бабичиќ.