Драган Спасов Дац по признанието на пратеникот Павле Богоевски за набавка на масло од канабис, на социјалните мрежи напиша дека очекува негова оставка. Разговорот кој Богоевски го водел со засега непозната личност од која ја вршел набавката на маслото, најверојатно бил снимен од страна на таксист со кој се возел пратеникот.
-Очекувам оставка од Павле Богоевки и прес конференција на Миле Бошњаковски! Како што е ред, нели, напиша Спасов Дац на својот Фејсук профил.
Инаку, пратеникот Богоевски се огласи во врска со снимката која се појави на руската мрежа „Вконтакте“. Профилот „Илија Громовник“ кој ја објави снимката на социјалните мрежи тврдеше дека Богоевски е снимен како нарачува кокаин.
Богоевски потврди дека тоа е неговиот глас, но вели дека не нарачувал кокаин туку масло од канабис.
-Дали тоа е мојот глас на снимката? Да. Дали разговарам за супстанца чиј промет е забранет?
Да. Но, во овој разговор не нарачувам кокаин. Договарам набавка на масло од канабис. За медицинска употреба, за моја многу блиска личност на која маслото од канабис и’ помогна таму каде другите лекови не можеа да и’ помогнат. Тоа го правам веќе неколку месеци и ќе го правам се’ додека е потребно“, вели Богоевски.
Тој вели дека објавениот телефонски разговор не потекнува од протечените прислушувани разговори, туку тврди дека бил нелегално снимен од такситот кој го возел додека Богоевски зборувал на телефон.