Зоран Михајлов
Вардар отсекогаш имал голмани,кои со своите квалитети биле меѓу најдобрите во поранешната држава. Да се потсетиме на Благое Видиниќ, потоа на Љубомир Цветковски-Жмара, Тоде Георгиевски, Коки Милошевски, Митко Атанасовски во подоцнешниот период и Благоја Георгиев.
Меѓутоа, едно голманско име, кое не потекнува од овие наши македонски простори, посебно ќе биде запишано во историјата на клубот. Тоа е Драган Мутибариќ, голман кој дојде од Срем, неколку сезони го бранеше голот на Вардар, а стигна и до репрезентацијата. Интересно е што Мутибариќ толку се сроди со средината, така што и по завршувањето на кариерата остана со семејството во Скопје и се чувствува како стар скопјанец, зашто тука е од 1967 година!
Популарниот Муто и денеска е омилен. Сите сакаат да бидат во негово друштво, зашто навистина е интересен како човек, а кога се зборува за најубавата споредна работа во светот – фудбалот, тогаш на разговорот му нема крај. Од него може да се слушнат многу интересни работи, кои се случуваа во минатото, кога и стадионите во Југославија, особено оној Градскиот во Скопје, беа полни со гледачи.
-Тоа беше убав период, во кој фудбалот секогаш беше главна тема за разговор – се сеќава Мутибариќ на времето кога тој беше вистинска фудбалска звезда. Стадионите беa полни со гледачи, ние бевме мотивирани и настојувавме да демонстрираме врвен фудбал проткаен со многу финеси, за да го задоволиме бројниот аудиториум. Најголема награда за нас беше кога на крајот со ракоплескање, некогаш и со овации ќе бевме испратени од теренот, без оглед дали сме победиле или не – битно беше да се игра убав, би рекол романтичен фудбал! А, ако ја победевме Звезда, Партизан, Динамо или Хајдук, тимови од големата „четворка“, тоа беше нешто посебно. Цела недела се прераскажуваше натпреварот, а ние бевме „главни“ насекаде каде што ќе се појавевме. Ех, тоа беа навистина времиња за незаборав…
Варагиќ „виновник“ за доаѓањето во Вардар
Драган Мутибариќ уште како млад голман, бранејќи го голот на Бечеј, стана младински репрезентативец на Србија, а потоа и на Југославија. Неговите квалитети не можеа да не бидат забележани од тогашните тренери и тој постојано беше на „мета“. Така, Душан Ненковиќ, кој беше едно од најпознатите тренерски имиња на ју-просторите, без колебање веднаш го зема во српската репрезентација, за потоа да застане на голот и на поранешна Југославија. Меѓутоа, во сиот овој период Мутибариќ беше следен од Душан Варагиќ, тренер на второлигашот Срем.
-Варагиќ како скаут, кој постојано се движеше на прострите на тогашната Покраина Војводина, имаше можност да ме гледа на многу мечеви. Така, на негова иницијатива дојдов да го бранам голот на Срем – се сеќава Мутибариќ. Тука останав две сезони во кои имав и 4 настапи во Македонија – по два против Победа и Брегалница. Интересно, сите тие средби ги загубивме! Меѓутоа, кога доаѓав да бранам во Македонија ме импресионираше публиката, која секогаш ги исполнуваше стадионите и им даваше голема поддршка на своите миленици. Морам да кажам дека и Победа и Брегалница во тоа време имаа добри состави, кои беа респектирани и на ниво на Југославија.
Популарниот Муто уште оттогаш ја засакува Македонија, а среќата да дојде тука му се насмевна во 1966 година. Што се случи во тој период и како дојде до тоа – да дојде во Вардар.
-Во скопскиот прволигаш во 1965 година имаше многу турболенции – вели Мутибариќ. Хуго Рушевљанин, кој исто така во Скопје остави голема трага, замина, а на кормилото дојде човекот кој ме познаваше уште од моите почетоци – Душан Варагиќ. Тој следната година ми предложи да дојдам во Скопје и да бранам за Вардар. Во тоа време на голот беше одличниот Митко Атанасовски од Куманово. Но, тој требаше да замине во војска, па така се отвори голманското место – иако во клубот се уште беше и Коки Милошевски. Но, Коки веќе беше во години и немаше некои амбиции за продолжување на кариерата, па така Вардар бараше помлад голман. Поканата на Варагиќ не можев да ја одбијам, мојата желба да бранам за Вардар во Првата лига беше голема и во таа 1966 година дојдов во Скопје. Популарниот Варага беше главниот „виновник“ за моето доаѓање во редовите на најпопуларниот македонски клуб, што за мене беше голема чест и задоволство.
Деби со победа против Челик
Мутибариќ, како млад голман беше резерва и само чекаше шанса да „влета“ во првата постава. Среќата, конечно му се насмевна…
-Имавме два пораза едноподруго и мораше нешто да се менува – вели Мутибариќ. Многумина и не ме познаваа, па затоа кон мене гледаа со недоверба. Од вардаровите тренери најдобро ме познаваше и веруваше во мене Урош Петровски, со кого работев 15-тина дена откако дојдов во Скопје и на негова препорака заминав на подготовките во Струга со првата екипа. И по тие два стартни порази Варагиќ мораше нешто да менува, па како да го чекаше моментот да ме уфрли во првиот тим. Тој тоа можеше да го стори и порано, но заради Управата и навивачите тактизираше да не речат „еве тој го донесе и веднаш го стави на голот“. Целокупната ситуација и нему и мене добро ни дојде, па така јас го имав своето деби против Челик во Зеница. На овој меч, по онаа почетната „позитивна“ трема, бранев во голем стил и бев еден од најзаслужните за минималната победа од 1:0. Оттогаш на Вардар му „тргна“, а и мојата кариера почна да оди во нагорна линија. Со оглед на тоа што Атанасовски набрзо замина во војска, јас бев првиот голман.
Така Драган Мутибариќ стана стандарден, а со своето однесување кое беше природно и ништо не беше изнасилено, ги освои срцата на гледачите и стана нивни миленик. Веќе не можеше да се замисли Вардар да истрча на терен без Мутибариќ. Ако него го немаше на голот, како тоа да не беше Вардар! Толку многу беше неопходен и толку многу беше омилен.
Фаталната грешка со Партизан
Но, со убавото што му се случуваше имаше и мигови, кои му носеа тага и очај. Така, Мутибариќ се сеќава на средбата со Партизан во Белград, за која смета дека му била „најцрна“ во неговата кариера.
-Во 82 минута од тој натпревар не реализирав пенал – се сеќава Мутибариќ. Но интересно е што се случи во продолжението. Откако одбранив еден силен удар, во следниот момент задоволен од убавата одбрана, несмасно ја пуштив топката пред мене, заборавајќи дека играта тече, па така Бјековиќ кој беше најблизу си ја зеде топката и ја пласираше во голот. Тоа беше шок и за мене и за гледачите, но ете и тоа се случи. Истото ова му се случи и на голманот на Партизан Борота, кој во вечното дерби со Црвена Звезда исто така ја пушти топката, па Шестиќ му даде гол! Во тие моменти ми беше многу тешко, зашто цела екипа „изгина“ на теренот, а јас бев виновникот за поразот.
Таа случка Мутибариќ вечно ќе ја памети, но исто така ќе ги памети и извонредните одбрани, како на пример на натпреварот со ОФК Београд за кој тогаш играа Милутиновиќ, Сантрач, Петковиќ и други познати имиња на ју-фудбалот.
-На ОФК му беше потребна победа за да остане во лигата – се сеќава Мутибариќ. Натпревартот се играше во Скопје, па речиси целиот стадион навиваше за белграѓаните кои во своите редови имаа многу фудбалери омилени кај гледачите. Но, јас се разбранив, не примив гол и ги урнав надежите на гостите. Публиката на крајот, иако жалеше за она што му се случи на Милутиновиќ и неговите другари, ме испрати со аплаузи и овации во соблекувалната. Таков е фудбалот, што да се прави?
Популарниот Муто имаше безброј такви одбрани на голот на Вардар, вкои му ја отворија вратата кон репрезентацијата, но и кон Бундес-лигата.
За сите тие настани од кариерата на Мутибариќ ќе читате во следното продолжение.