Еден од најбогатите Британци е пронајден мртов, откако е избоден до смрт, пренесе Би-Би-Си.
Сер Ричард Сатон (83) беше пронајден мртов во неговата вила во близина на Гилингем во провинцијата Дорсет. Неговото мртво тело беше пронајдено во средата вечерта. Покрај него е пронајдена жена на возраст од околу 60 години, најверојатно неговата сопруга, која е пренесена во болница во критична состојба.
Богатството на Ричард Сатон неодамна се проценуваше на околу 300 милиони фунти.
За убиството е уапсен 34-годишен маж. Тој беше уапсен во автомобил во близина на Лондон, а бил повреден и пренесен во болница.Полицијата соопшти дека уапсените и жртвата се познавале.
Инаку, на минатогодишната листа на „Сандеј Тајмс“, Ричард Сатон беше рангиран како 435-ти најбогат Британец.
Сатон, кој има благородно потекло, бил убиен на неговиот луксузен имот. Покрај тоа, тој беше сопственик на хотелот „Шератон Гранд“ и луксузниот хотел „Атенаум“. Неговото семејство поседува илјадници хектари земја низ Велика Британија.
Се испитува точната причина за убиството.