Нискбуџетната авиокомпанија „Визер“ привремено ќе укине седум линии, објави специјализираниот портал ЕксЈуавиејшн, a пренесе порталот СДК.
Авиокомпанијата објави дека до крајот на март 2021 нема да ги има летовите до Барселона, Бремен, Хановер, Ларнака, Сандефјорд (Норвешка) и до два аеродрома во Шведска, Скавста во близина на Стокхолм и Вешо, а претходно беше укината и линијата до Салцбург.
Без овие линиии „Визер“ преку зимата ќе продолжи да одржува авионски линии од Скопје до 23 европски дестинации, но и тоа може да биде подложно на промени. Дел од овие линии во моментов се привремено суспендирани и нема да продолжат до стартот на зимската сезона 2020/21 кон крајот на октомври.
Скопскиот аеродром моментално опслужува седум авиокомпании. Во зависност од коронакризата, можно е оваа зима да оперираат и десет компании, кога своите летови би требало да ги обноват „Флајдубаи“, „Катар ервејс“ и полската „ЛОТ“.
Инаку, поради кризата од Скопје се повлече грчката Ејџиан ерлајнс, без најава кога би ги обновила летовите за Атина.