Кејлеб Волас од Тексас, кој се борел против “ковид тиранијата”, починал од коронавирус.
Бил без свест, на респиратор и на силни седативи на интензивна нега во медицинскиот центар Шенон во Сан Ејнџел од 8-ми август, пренесува “Daily Mail”.
Овој татко на три деца, кој требало да добие уште едно дете следниот месец, бил основач на движењето “Борци за слобода”, кои протестирале против вакцинацијата и носењето маски.
Волас, кога почнал да ги чувствува симптомите, одбил да се тестира и одбил медицинска помош.
Наместо да побара лекарска помош, Кејлеб самиот си давал коктели од витамин Ц, цинк, аспирин и ивермектин, лек против паразити кој бил рекламиран како ефикасен третман против Ковид.
“Ти не си коњ. Ти не си крава. Престани да консумираш ивермектин”, напишала ФДА на Твитер пред неколку дена со два линкови до статија со наслов “Зошто не треба да користите ивермектин за лечење или спречување на Ковид-19”.
Неговата сопруга Џесика рекла дека тој не сакал да посети лекар, бидејќи не сакал да биде дел од статистиката на тестираните за коронавирус.
Кејлеб на крајот на јули ги почувствувал симптомите, но многу одлучно одбивал да побара медицинска помош, рекла Џесика во интервју за “San Angelo Standard-Times”.
“Секогаш кога ќе почнеше да кашла, тоа се претвораше во напади на кашлање, а потоа остануваше без здив. Беше многу тврдоглав. Не сакаше да оди на лекар, бидејќи не сакаше да биде дел од статистиката за тестови на Ковид”, рекла Џесика.
Во промотивно видео објавено на страницата “crooksandliars.com” во октомври, Кејлеб објаснува за што се борат “бранителите на слободата”.
“Се бориме да ги натераме луѓето да работат. Се бориме луѓето да застанат на нозе. Се бориме луѓето да почнат да разговараат со соседите наместо да се исклучат и да гледаат во телефоните по цел ден. Да почнеме меѓусебно да се отвораме”, рекол тој.
“Ако не почнеме веднаш нешто да правиме, ќе изгубиме многу повеќе од тоа што се надевавме”, рекол во видеото.
Само неколку недели пред да биде хоспитализиран, Кејлеб помагал во организирањето на протест означен како протест против владата која ги контролира животите на луѓето.