-Од најавите на авиокомпаниите досега, знаеме дека ќе имаме четири нови дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје до крајот на 2021 година,- вели за МИА, Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија, во пресрет на воведувањето на зимскиот ред на летање.
Зимскиот распоред на летови ќе почне на крајот од овој месец, во моментов, како што наведува Батак, е во подготовки и наскоро ќе бидеме во можност да кажеме до точно колку дестинации ќе се лета од скопскиот аеродром од крајот на октомври годинава до крајот на март следната 2022 година.
Летови од Скопје и до Болоња, Торино и Билунд, на пазарот влегува и „Изиџет“
– Три нови дестинации ќе воведе Виз ер во декември, од Скопје до Болоња, Торино и Билунд. Една нова дестинација, од Женева до Скопје, ќе биде отворена од Изиџет, британската нискобуџетна авиокомпанија, која со отворањето на оваа рута на почетокот на ноември 2021 година практично првпат ќе влезе на македонскиот пазар. Заедно со наведените наведените нови дестинации на Виз ер од Скопје, во декември 2021, унгарската нискобуџетна авиокомпанија ќе отвори и нова авиолинија од охридскиот аеродром до германскиот град Фридрихсхафен, информира Батак.
Најголемиот дел од откажаните авиолинии со почетокот на пандемијата во 2020 година беа вратени на распоредот на летање по повторното отворање на двата аеродроми во јули 2020 година, и потоа во 2021 година. Сепак некои од дестинациите, како Доха со Катар ервејс и Дубаи со Флај Дубаи, што беа опслужувани од Скопје пред пандемијата, сè уште не се вратени.
-И покрај тоа што сме среде пандемија, оваа година отворивме две нови авиолинии, односно две нови дестинации од Меѓународниот aеродром Скопје кон Русија – Москва и Санкт Петербург. Ова е прв пат пат после 20 години, Скопје и Македонија да бидат директно поврзани со Русија по воздушен пат. Овие авиолинии имаат голем потенцијал и ние се надеваме дека авиосообраќајот на овие рути ќе се развива и натаму, изјави Батак.
Доколку имаат потреба да патуваат со авион, како што вели, луѓето не се двоумат. Тие ги преземаат неопходните здравствени и безбедносни мерки и патуваат и од туристички и од економски причини.
-Единствената пречка за патувањата со авион се различните рестрикции наметнати од различни земји поради Ковид-19, коишто се менуваат често и го усложнуваат целиот процес на авионско патување, за патниците, но исто така и за играчите во авијацијата – аеродромите и авиокомпаниите. Кога различните рестрикции поради Ковид-19 ќе се укинат од страна на различни земји, или кога условите за влез во различни земји кои се поврзани со Ковид-19 ќе се изедначат за сите државјани на сите држави, тогаш ќе ја видиме стабилизацијата во авијацискиот сектор и тогаш можеме да очекуваме среднорочно и долгорочно закрепнување на авиосообраќајот, посочува Батак.
Се почитуваат протоколите на аеродромите, апел патниците да пристигнуваат три часа пред полетување.
Податоците на ТАВ Македонија покажуваат дека во првите девет месеци од годинава, односно во периодот јануари-септември, двата македонски аеродроми, Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, опслужиле вкупно 994 237 патници, што е 57-процентно зголемување во однос на истиот период од 2020. Во исто време, вкупниот број на патници за првите девет месеци од годинава е намален за 52 проценти, споредено со истиот период од 2019 година, која се смета за референтна година во авијацијата, бидејќи до почетокот на пандемијата бележеа постојан пораст на патничкиот сообраќај.