Поранешни градоначалници, претседатели на Совет, вработени во општина Центар, скулптори, сите од 2008 до 2013 се расшетувале до леарниците во Италија, како да патуваат до Куманово.
Некои од нив немале никаква допирна точка со контроверзниот проект Скопје 2014, но затоа на сметка на буџетот на општината Центар патувале во Фиренца по неколку пати, а со себе ги носеле и своите брачни другари и партнери, се разбира и за нив плаќала општината.
Ревизорскиот извештај по доаѓањето на Андреј Жерновски за градоначалник, по цели три изборни кругови покажа дека Центар покривала за сите авионски трошоци, хотелски сместувања, ручеци и вечери. За ова биле потрошени 1,5 милиони евра, пари на граѓаните.
Токму во оваа општина, со гласање на совет, се носеле одлуките за спомениците од “Скопје 2014”. Непознато е дали и ова е опфатено со истрагата која ја води обвинителот Љубомир Лапе.
Во истрагата на обвинителството „Феникс“ опфатени се 15 физички и 7 правни лица, меѓу кои еден италијански државјанин и три италијански компании. Се сомничат за злоупотреба на службена положба и овластување и перење на пари за изработка на најголемите споменици од „Скопје 2014“ – воинот на коњ, спомениците на Даме Груев, Гоце Делчев, Никола Карев, Методија Андонов – Ченто, Цар Самоил, Гемиџиите, Цар Јустинијан, прво заседание на АСНОМ и споменик за основачите на ВМРО и лавовите.
Кривичниот суд, доцна синоќа на ексградоначалникот на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ му одреди куќен притвор за предметот. Одредени беа и четири ефективни притвори, од кои еден е за експретседателот на Советот на општина Центар, Владимир Здравев. Другите се за Љ.Б., А.З. и З.П.
Меѓу осомничените се и експремиерот Никола Груевски, ексминистерката Елизабета Канческа-Милевска и ексминистерот за финансии Зоран Ставревски.
Извор: Макфакс