Најпознатиот медицински техничар, Денис Јанкуловски, попознат како космонаутко, се огласи на својот Фејсбук профил за моменталната состојба со Ковид-19 во земјава.
“Трае….трае…и трае.
Трае предолго, очекувавме кратко, верувавме и се надевавме дека брзо ќе заврши, за месец два, ај еве три. До јуни (ланскиот, да не се разбереме погрешно) и – толку.
20 месеци…речиси две години, кој би рекол.
Една реченица со која често се среќавам во разговори со луѓе кај што имам земано брисеви е “ќе полудам, мислам дека сум на крај со нервите”
Многу моменти придонесуваат за ова, изолациите, карантините, долгомесечните неизлегувања од дома, негледањата со своите најблиски но и со роднините и пријателите, монотонијата. Однеси потребни намирници и остави ги пред врата со болка во срцето што не можеш да влезеш и да гушнеш. Болка до коска….
Недостатокот од поздравување, гушкање, чувството на топла прегратка која дава сигурност и блискост, која е човечка карактеристика и едно од најубавите животни секојдневија. Недостатокот од визуелен момент со родителите/децата/внуците/љубовта на животот кој обезбедува топлина во срцето и енергија за денот, кој е грб во ветерот за полесно минување на тешките моменти.
Недостатокот во најтешките моменти на загуба на некој близок да ја споделиш болката со некој до тебе, самотијата во последното испраќање заради ете протоколи, правила и најмногу заради сечија безбедност.
Она што дополнително отежнува или што би рекле “како сол на рана” а што за мене претставува мноооогу големо оптеретување за сите е тоа она што јас го нарекувам “бескраен кружен тек”. На пример имаат близок контак со некој позитивен, чекаат неколку дена за појавување на симптоми, стрепат, во грч прават тест – негативен. Супер. Но веќе во наредните неколку минути повторно влегуваат во шемата наречена “внимавај, носи маска, дезинфицирај се, немој блиску, чувај се” ииииии – пак некој сомнителен контакт, пак истиот круг – симптоми, стрепење, ев тест. И така во круг. Но тоа всушност е и единствениот начин да се дочуваме и тоа трае…..и трае….и трае.
Затоа сметам дека после оваа криза многу работа ќе имаат психијатрите, психолозите и сите стручни лица кај кои можеме да се обратиме за да ни помогнат да ги пребродиме тешкотиите со кои секојдневно се соочуваме и кои секојдневно ги складираме. Нешто што Американците го викаат посттрауматски синдром, овде можеме да го наречеме посткоронски синдром.
Ќе треба многу муабети, разговори, саати па и денови, може и месеци што апсолутно не е страшно, напротив, баш е потребно и добредојдено, не треба ниту страв ниту срам за да им се обратиме, затоа се тие тука. А тие знаат што треба да направат.
Личи на бескрај, но се’ има свој крај. Долго е, но ќе заврши. Јас сакам да можам да речам уште утре.
Најбитно е сите вие и понатаму да се чувате, да внимавате, да ги сочуваме тие со и околу нас и што побрзо да се видиме во живо, да се насмееме, со дооооолги прегратки, со физичко присуство. Онака како што треба како што сакаме, како што личи.
Како што е нормално.
И нема да полудиме, тоа знам. Затоа си пееме, си се смееме, па макар и онлајн нека е. Тука сме, на број сме. Живи и здрави.
И уште еднаш:
Чувајте ми се за Гуш и Бац во живо “напиша космонаутко.