Јужноафриканската докторка Анџелик Кеце, која прва го откри сојот омикрон во оваа земја, неодамна напиша колумна за британскиот „Дејли мејл“ во која ги откри сите податоци и целото знаење со кои располага.
Таа оцени дека потезите на британската влада и премиерот Борис Џонсон се граничат со „хистерија“. Британската влада проценува дека до крајот на декември ќе има еден милион нови случаи и 10.000 хоспитализирани дневно.
„Само треба да ја погледнете сликата во Јужна Африка, каде се забележани првите познати случаи на омикрон сојот во светот за да сфатите дека таквата реакција е надвор од секоја пропорција на ризикот кој го носи оваа варијанта. И би требало јас да го знам тоа поради тоа што сум доктор кој прв го откри омикрон сојот уште во ноември оваа година.
Очигледно е дека омикрон веќе некое време кружи низ Јужна Африка, а претходно беше пронајден во Боцвана. Беше моја должност да ја пријавам својата загриженост.
Не жалам за тоа што го направив, но бев само запрепастена од претераната реакција ширум светот во деновите кои следеа, кога Британија и некои други европски земји воведоа строги ограничувања на патувања за летовите од цел јужен дел од Африка, а наметнаа и строги правила за носење маски, парични казни и продолжен карантин.
Уште тогаш кажав дека не знаеме ни приближно доволно за омикрон за да се носат такви одлуки и да се наметнува таква политика. Сега сум уште позагрижена со најновата изјава на британската влада со оглед на тоа што стана очигледно во претходните четири седмици кога станува збор за новиот сој.
Цел тој период работам со пациенти кои се заразени со омикрон и мислам дека можам слободно да кажам дека сигурно знам повеќе за последиците кои може истиот да ги има врз луѓето.
Како доктор по општа пракса, со 33 години искуство, припаѓам во кадар кој прв ги прима пациентите. Ние секојдневно се занимаваме со реални луѓе, а не со статистики и проекции и можам да ве убедам дека сите симптоми кои се јавуваат кај омикрон се многу благи во споредба со оние кои ги гледаме кај делта сојот.
Не верувајте ми само на зборот. Видов многу пациенти со омикрон кои претходно имаа делта сој и тие ќе ви кажат дека иако не сакале да се заразат со Ковид, се чувствуваат среќно затоа што вториот пат се заразиле со омикрон.
Мојот прв омикрон случај, момче кое дојде во мојата ординација на почетокот мислеше дека предолго бил изложен на сонце поради тоа што работел надвор. Пациентот главно имаше болка во мускулите, болка во телото, главоболка и малку беше изморен. И изгледа дека таквите симптоми не стануваат ништо потешки од тоа. По околу пет дена исчезнуваат и тоа е тоа.
Во делот во Јужна Африка во кој работам, немаше многу пациенти со омикрон сојот кои беа испратени во болница, а поголем дел од нив беа лекувани со употреба на антифламаторни лекови.
Исто така поголем дел од оние кои се заразени со омикрон не се вакцинирани.
Доколку омикрон сојот беше навистина толку смртоносен, тогаш ќе очекувавме бројката да се зголеми нагло, но тоа тука едноставно не се случува.
Следната варијанта на коронавирусот која би можела да се појави би се ширела побавно, но можеби би била поопасна, па потребна ни е цела помош која можеме да ја добиеме од природниот имунитет.
Тоа може само да ни користи, за разлика од рестриктивните мерки кои тешко ја погодуваат економијата и кои ќе донесат нови проблеми со сиромаштијата“, напишала д-р Кеце.