Вакцинацијата против Ковид-19 во државава почна во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Со вакцинација на „Фајзер“ вакцинирани се докторка и главна медицинска сестра од Клиниката за инфективни и фебрилни состојби, а следи и вакцинација на останатите од таа јавна здравствена установа.
– Ја примив вакцината, се чувствувам добро. Ја препорачувам на сите да ја примат, изјави една од вакцинираните.
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека денеска и официјално почна процесот на имунизација против Ковид-19 во земјата.
– Ова се докторка и сестра, дел од персоналот на Клиниката кои изминатата година се бореа за секој човечки живот, деноноќно работеа, докторката Ина и главната сестра Габриела се првите кои ја примија вакцината на „Фајзер“. Денеска продолжува вакцинацијата на сите вработени на Инфективната клиника. Следат вработените во сите ковид – центри најпрво тука во Скопје, во ГОБ „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања во Козле, Интерните клиники…За време на викендот болниците ширум државата и приватните болници, рече Филипче.
Посочи дека во вчерашниот разговор со претставници на „Фајзер“ му било најавено дека следната количина од 4000 дози ќе стигне следната недела, што значи дека сите пријавени за првиот бран на вакцинацијата, тоа се 4000 здравствени работници кои работат со ковид пациенти ќе бидат вакцинирани.