Пензионираниот лекар на американската морнарица Џозеф Дитури (55) поминал повеќе од три месеци во капсула од 30 квадратни метри во длабочините на Атлантскиот Океан за да ги истражува ефектите од притисокот врз човечкото тело.
Истражувачот тврди дека поминувањето 93 дена под вода го вратило „часовникот“ наназад и дека сега е 10 години помлад.
Времето под вода било дел од студијата за истражување на ефектите од околината под притисок врз човечкото тело. Тоа му дало и можност да го собори претходниот светски рекорд на живеење под вода од 73 дена.
Лекарите ги испитувале неговите витални органи кога се појавил на површина и ги измериле теломерите – секвенцата на ДНК што се прицврстува на крајот на хромозомите. Теломерите обично се скратуваат како што старееме, но оние на Дитури сега се 20 отсто подолги отколку кога во март заминал под море. Дитури истакнува дека има и 10 пати повеќе матични клетки отколку на почетокот на истражувањето.
Други корисни ефекти од престојот во длабоко море биле и тоа што тој сега добива помеѓу 60 и 66 проценти подлабок РЕМ сон ноќе, холестеролот му паднал за 72 поени, а маркерите на воспаление му се преполовени.
Британски „Мирор“ пишува дека огромната промена во неговото физичко здравје се припишува на притисокот, за кој веќе е познато дека има низа позитивни ефекти. Една слична форма на третман е хипербаричната комора, која го подобрува здравјето на мозокот и води до подобро паметење.
Истражувањето на Дитури му овозможило да види како човечкото тело реагира на околината под притисок во подолг временски период.
„Мирор“ пишува и дека престојот во неговата капсула е слично на она што ќе го доживеат астронаутите кога ќе патуваат на Марс.
– Ви треба едно од овие места што е отсечено од надворешни активности. „Испратете ги луѓето овде на двонеделен одмор за да се релаксираат и да ги искусат придобивките од хипербаричната медицина“, изјави Дитури за Дејли Мејл за капсулата што ја нарекувал дом цели 93 дена.
За време на неговиот престој на дното на океанот, тој вежбал по еден час пет дена во неделата, но можел да користи само ленти за вежбање. Неколку недели подоцна тој сè уште ја одржувал масата што ја развил под површината. Дитури рече дека неговиот метаболизам се зголемил, дозволувајќи му на неговото тело да стане „послабо“.
Неговите матични клетки, кои веќе се сметаа за начин за враќање на видливото стареење, десеткратно се умножиле.