Поради недостаток на заштитна опрема, медицинскиот персонал во болница во Њујорк облекува ќеси што се користат за ѓубре!
На социјалните мрежи започна да кружи фотографија на која три медицински сестри позираат во ходник во њујоршката болница облечени во големи, црни пластични кеси за ѓубре од кои се направени импровизирани заштитни одела. Една од нив дури и држи отворена кутија со најлонски кеси за ѓубре кои очигледно ги претвораат во заштитни одела.
Како што пренесуваат американските медиуми, проблемот со залихите во болницата траел веќе една година, а поради епидемијата на Ковид-19, медицинскиот персонал веќе започнал да користи сопствен прибор и залихи.
„Од почетокот на овој хаос, добивме по едно заштитно одело и маска и ни беше кажано дека до крајот на пандемијата нема да добиеме друга заштитна опрема. Кога тие одела се распаднаа, моравме да се снајдеме“, реклo лицето од медицинскиот персонал во болницата.