Животот навистина пишува романи, а доказ за тоа е приказната на Вивиен Вајс Руизвеласко (20), која пред десет месеци станала мајка, без притоа да знае дека е бремена.
Како што вели, пиела, вежбала и се дружела со своите пријатели и со момчето Танатиј Гонзалес. Апсолутно ништо не укажувало на тоа дека е бремена, немала труднички стомак, мачнини, ниту какви било други симптоми.
Меѓутоа, за време на роденденската забава на нејзината пријателка, почувствувала интензивни прободувачки болки во стомакот и колковите, па си отишла дома. Следниот ден отишла на работа и пиела апчиња и билен чај, во обид да го ублажи она што го сметала за силни болки во стомакот. Всушност, имала контракции и веќе утредента се упатила во болница. Докторот што ја примил ја известил дека ќе се породи во секој момент.
За исплашената девојка оваа вест била шок и таа и дечко ѝ се загрижиле како ќе ја платат болничката сметка и како воопшто ќе се грижат за дете, но сега е пресреќна што има син.
„Дознав дека сум бремена кога веќе се породував. Веднаш се шокирав од повеќе причини. Се прашував дали му е добро на бебето и што ќе правам со него, со оглед на тоа што никогаш претходно во животот не сум држела бебе. Се грижев околу сето тоа што треба да го купам и во тој момент, мојот свет се сруши“, рекла Вивиен.
Признава дека на почетокот многу лошо се снаоѓала, бидејќи немала никакво искуство со деца, но со текот на времето, сите коцки се поклопиле.
„Фактот што морам да го учам за животот е многу убав и тој веќе оди во градинка, а покрај тоа, многу е среќен. Тој е мојот син, мојот партнер и љубовта на мојот живот. Искрено, тоа е најдобрата и најмалку очекуваната работа што можеше да ми се случи“, заклучила Вивиен.