Британски медицинар кој бил вакциниран против корона вирусот, еден месец откако ја примил првата доза, заболел од Ковид-19.
Имено, Сејвид Лонгден (43) бил еден од првите на светот што бил вакциниран со вакцината на „Фајзер“ на 8 декември. Односно, еден ден по почетокот на вакцинацијата во Велика Британија.
Втората доза од вакцината на „Фајзер“ требаше да ја прими на 5 јануари, но тоа беше откажано поради промена на планот на британската влада, која сака што поголем број жители да добие барем една доза.
Водечките здравствени работници во Велика Британија советуваа да се даваат две дози вакцина од компаниите „Фајзер“ и „Астра зенека“ во интервал од 12 недели, иако првично беше речено дека интервалот треба да биде 21 ден.
Лонгден дознал дека е позитивен на ковид-19 во петокот, на 8 јануари, и сега е во самоизолација во неговиот дом во Понтиприд, за да не биде во близина на неговиот партнер Ендрју Прајс.
Лонгден работи во болницата „Принцезата од Велс“ во градот Бриџенд и рече дека владата мора да ги заштити работниците кои се во првите редови во борбата против ковид.
– Неколку дена не сум на работа, додека одделот за итни случаи каде што работам е преполн со пациенти. Бриџенд е една од областите на Велс со најголем број на пациенти. Исто така, има опасност да го заразам мојот партнер. Тој е дијабетичар и има некои други здравствени проблеми. Да ми ја дадеа втората доза кога требаше, сега ќе бев мирен“, рече Лонгден.
Почнал да се чувствува лошо на 7 јануари, веднаш бил тестиран и по 24 часа му било потврдено дека заболел од Ковид-19.
„Имав главоболка и тогаш главата ми беше страшно студена. Ден претходно имав дијареја, а потоа се чувствував истоштено и летаргично. После тоа, мојата состојба одеднаш се влоши и имав многу симптоми типични за ковид – привремено го изгубив чувството за мирис, вкус, но фала му на Бога, немав треска“, откри Лонгден.