По речис 40 години од смртта на Јосип Броз Тито во подземен трезор на Универзитетскиот клинички центар во Љубљана, се откриена фасцикли со документација. “Јутарњи.хр“ објави дека овие документи даваат ново светло на последните месеци од животот на Тито и на неговиот персонал во најдобрата медицинска установа во поранешна Југославија.
Тие биле пронајдени во просторија до која водат подзмени ходници, а која последен пат била користена како засолниште за време на краткотрајната војна на Словенија со ЈНА во 1991 година, иако се мислеше дека целата документација поврзана со лекувањето на Тито од Љубљана е пренесена во Белград.
Според словенечките медиуми, ова се претежно сметки за третман и списоци на луксузот во кој живеел здравствениот персонал и обезбедувањето на Тито. Еден документ открива дека за само еден месец изеле 100 килограми свинско месо, 31 килограм младо телешко месо, 18 килограми свински врат, повеќе од 15 килограми пршута, 90 килограми конзервирана шунка, 54 килограми банани. Јасно е дека откако сето ова ќе се изеде, се останува жеден , па тој месец се испиле 91 шишиња виски, 20 шишиња рум, 11 шишиња вотка и 100 литри вино. Според една сметка нарачани биле и 700 парчиња торта, 200 ролати, 200 крофни…
Освен сметките, бил пронајден и допис од Институтот за патологија во кој било наведено дека обдукцијата на Тито ќе чини 33.437 динари. Лекувањето на Тито го платила тогашната Социјалистичка Република Словенија и чинело два милиони и сто илјади динари. Го лекувале седум доктори од Словенија, САД и Русија, пишува „Јутарњи.хр“. Извештајот за обдукција бил објавен една година откако Тито беше погребан во Куќата на цвеќето во Белград.
Инаку, Тито во болницата во Љубљана ги поминал последните четири месеци од животот. Познато е дека не ги слушал лекарите и дека не сакал да се откаже од омилените храна и пијалоци. Тој во последните 68 дена бил во вештачка кома, приклучен на респиратор, така што е јасно дека не можел да ги конзумира храната и пијалоците од сметките.