Првата добитничка на милион долари на лотарија со која Охајо ги наградува граѓаните кои се вакцинирани против коронавирусот е Абигејл Бугенски од предградијата на Синсинати, објавија официјалните лица на таа американска сојузна држава.
Првиот добитник на целосната школарина за јавниот универзитет во Охајо е тинејџерот Џозеф Костело од областа Дејтон, пренесува Би-Би-Си.
Повеќе од 2,7 милиони возрасни се пријавија за наградата, додека повеќе од 104.000 деца на возраст од 12 до 17 години се пријавија за школарина.
Иницијативата наречена Vax-a-Million беше покрената во средината на овој месец со цел да се надмине слабиот одговор на вакцинацијата, што е проблем низ САД.
Кабинетот на гувернерот на Охајо, Мајка Де Вејн соопшти дека вакцинацијата од 14 до 19 мај во споредба со седмицата од 7 до 12 мај е зголемена за 94 проценти кај популацијата на тинејџери на возраст од 16 и 17 години, 46 проценти кај оние на возраст од 18 и 19 години и 55 проценти кај луѓе на возраст од 20 до 49 години.
Гувернерот претходно најави дека добитниците на наградата ќе се извлекуваат еднаш неделно.
Само возрасни граѓани можат да учествуваат во трката за еден милион долари, а лицата под 18 години ќе имаат шанса да освојат целосна школарина за Jавниот универзитет во Охајо.
Де Вејн рече дека наградите ќе бидат исплатени од средствата за борба против коронавирусот на федералната влада.