Извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурла, изјави дека годишната вакцина против Ковид-19 би била попожелна од почестите засилувачки бустер вакцини во борбата против пандемијата на коронавирусот.
Вакцината против ковид 19 на Фајзер/Бионтек се покажа како ефикасна против тешка болест и смртни случаи предизвикани од високо мутираната варијанта омикрон, но помалку ефикасна во спречувањето на преносот, објави Ројтерс.
Со зголемувањето на бројот на случаи, некои земји ги проширија програмите за вакцини за трета доза против Ковид 19 или го скратија периодот помеѓу две дози вакцина.
Во интервју за израелскиот H12 News, Бурла, на прашањето дали мисли дека бустер треба да се дава на секои четири до пет месеци, рече дека се надева дека „ќе имаме вакцина што ќе треба да ја добиваме еднаш годишно“.
– Еднаш годишно – полесно е да ги убедите луѓето да го направат тоа. Луѓето полесно тоа го памтат. Значи, од гледна точка на јавното здравје, ова е идеална ситуација. Бараме да видиме дали можеме да создадеме вакцина која покрива омикрон и не ги заборава другите варијанти и тоа би можело да биде решението – изјави Бурла.
Тој посочи дека Фајзер би можел да биде подготвен да поднесе барање за одобрување за редизајнирана вакцина за борба против омикрон и масовно производство уште во март.