Џузепе Марота, директор на италијански Интер, ги отфрли шпекулациите дека данскиот играч од средниот ред Кристијан Ериксен, кој беше хоспитализиран откако се сруши на теренот за време на саботниот натпревар на ЕУРО против Финска, бил заразен со Ковид-19.
Ериксен (29) колабираше во 42-та минута од натпреварот против Финска, по што веднаш му беше укажана лекарска помош на теренот. Потоа беше пренесен во болница. Тој денес е стабилно, објави претходно данскиот фудбалски сојуз.
Доктор Санџеј Шарма од Универзитетот Св. Џорџ во Лондон, кој беше кардиолог на Ериксен во неговиот поранешен клуб Тотенхем, рече дека Данецот немал проблеми со срцето додека играл во Премиер лигата.
Сепак, тој за „Дејли Меил“ изјави дека инфекцијата со КОВИД-19 може да предизвика слабост на срцевиот мускул кај некои играчи.
Марота ги поби и овие шпекулации.
„Ериксен немаше КОВИД и не се вакцинираше против коронавирусот“, изјави Марота за „Раи Спорт“.
Тој додаде дека Ериксен бил под грижа на медицинскиот тим на данската репрезентација. Но Интер цело време беше во контакт со нив.
„Можам да кажам дека медицинската служба на Интер цело време контактираше со нив“, изјави Бепе Марота.