Зоран Михајлов
Во светот на спортот има личности кои благодарејќи на своите подвизи и врвни достигнувања вечно остануваат запишани во историјата на својата земја, на својот народ, на своите сограѓани. Една од тие маркантни спортски звезди е и битолчанецот Димитар Илиевски-Мурато, бестрашниот алпинист, кој искачувајќи се на највисоките светски врвови стигна и до небесните спортски височини и зазеде едно од почесните места во семејството на великаните.
10 мај 1989 година ќе биде запишан како ден на големиот подвиг. На тој ден Димитар Илиевски се искачи на највисокиот врв во светот Монт Еверест (8.848), но тој ќе остане и како ден кој донесе голема тага во цела Македонија. Враќајќи се од Монт Еверест, сигурно среќен и радосен за остварениот подвиг за кој со години мечтаеше, тој остана таму – во снежните белини на Хималаите. Во тие моменти чувствата на сите беа измешани – радоста и почетната еуфорија по веста дека Мурато се искачил на врвот на светот како санта мраз се стопија во големата тага по веста, во која никој не сакаше да поверува, дека за храбриот битолчанец всушност тоа беше последното алпинистичко патешествие!
За ѕвездата Даница, како што го нарекуваа другарите, зашто секогаш зрачеше со една неверојатна сила, тоа беше пат без повраток. Диме кој беше лидер на многу алпинистички експедиции, не ја почувствуваа вистинската радост за остварениот подвиг. Но, зад себе остави големо дело кое го издигна до легендарните височини, дело кое од генерација до генерација со гордост ќе се прераскажува.
Сеќавања за почетоците
Димитар Илиевски-Мурато не стигна да ни ги прераскаже своите младешки желби, но затоа пак сеќавањата на неговите другари убаво ја отсликуваат неговата личност.
Симеон Гировски, неразделен другар на Мурато од детството, се сеќава на оние мигови кога кај нив се родила желбата за планинарење.
-Паркот беше нашата инспирација, вели тој во документарната емисија посветена на Мурато и Хималајскиот подвиг. Од младоста, токму поради тоа зеленило и мирот што доаѓаше од него, се јави желбата за престој во природата, посебно некаде на планина.
Тој се сеќава и на сенародниот собир по повод Илинден организиран на Пелистер кај Големото Езеро. Од тие мооменти како да беше предодредена спортската судбина на Мурато и неговите другари.
-Тоа, за нас како деца, беше нашето прво искачување во овој прекрасен пелистерски предел. Бевме воодушевени. Завиткани во кебиња го дочекавме за првпат во животот изгрејсонцето на Пелистер, тука крај Големото Езеро. Тоа беше нешто фантастично.
Во тие мигови Мурато и не претпоставуваше дека подоцна, со оглед на работата кај предавателот, Пелистер ќе стане негово секојдневие. Можеби само чувствуваше дека од планината никогаш нема да се раздели и таа ќе стане негов живот, негова опсесија. И навистина така беше. Тој со своите другари учествуваше во планинарските тури, кои беа се почести. Се искачуваше на врвовите, се воодушевуваше…
-Но, со тоа во младешките години не можевме да се задоволиме. Баравме нови предизвици, вели во истиот „документарец“ Ѓорѓи Костовски, исто така планинар и другар на Мурато. Затоа, трагајќи по нови простори, не само што ги прошетавме македонските планини, туку одевме да се калиме и во Словенија и секаде каде што ќе ни се укажеше шанса. Мурато секогаш беше оној што ќе не повлечеше, беше симпатичен -харизматичен.
Остварен првиот сон
Првите контакти со алпинизмот Мурато со другарите, според кажувањето на Благоја Лазаров, ги имале на Љуботен. Тука ги здобиле првите искуства во спортот кој бара добра физичка подготовка, концентрација, смиреност и се разбира знаење за да може безболно да се решат и најкомпликуваните ситуации.
Секој човек има по некој сон, има по нешто за што мечтее. За Димитар и другарите најголемиот сон, во тие години кога сериозно навлегоа во тајните на алпинизмот, беше да се искачат на највисокиот врв во Европа, Мон Блан.
Дојде и тој момент кога еден поголем алпинистички состав, во кој беше и Димитар Илиевски, тргна кон искачувањето на Мон Блан, преку Монте Роса. Тоа се случи во 1981 година. Актерите во овој потфат, ја опишуваа големата радост по овој подвиг, а го истакнуваа неустрашивиот Мурато како лидер на таа експедиција. За него, како да не постоеле зборовите „не можам“!
Со овој потфат ширум се отвори вратата за зачекорување во светот на алпинизмот. Се покажа дека Македонија има силни и амбициозни момчиња, кои тежнеат за големи алпинистички остварувања.
-Во тие години, вели познатиот алпинист Јове Поповски, погледите на светот беа насочени кон Хималаите и искачувањето на највисокиот врв Монт Еверест. Така, и кај нас во Македонија се роди идејата да се формира Иницијативен одбор кој ќе го промовира проектот – Монт Еверест. Морам да кажам дека уште на стартот наидовме на добар прием кај јавноста, а и кај факторите без чија помош не можеше да се реализира еден таков голем зафат.
Поповски, кој беше и водач на Хималајската експедиција, вели дека уште на почетокот бил оптимист зашто во Македонија имало докажани алпинисти, меѓу кои секако најмаркантна фигура беше Димитар Илиевски-Мурато. Покрај него, според зборовите на Поповски, во Битола имало уште неколку алпинисти врз кои комотно може да се потпре целата акција.
Радоста меѓу македонските алпинисти, откако официјално беше обелоденето дека ќе се оди на искачување на Монт Еверест беше огромна. Со оглед на тежината на задачата пред која се наоѓаа мораше веднаш да се почне со подготовки.
(Продолжува)