Ана Галевска Јакимовска д-р вет. мед.
Ветеринарна Амбуланта Прима Вет Медика Скопје
Кои се причините за дигестивни проблеми кај мачките?
Многу често сопствениците грешат кога на својот миленик му даваат од храната која ние ја јадеме, неможејќи да го одолеат умилкувањето и мјаукањето на своите мачки. Најчесто проблемите се јавуваат за време на празници и слави кога трпезата е полна со секаков вид на храна и честопати сопствениците паѓаат во искушение и му даваат на својот миленик да проба. Дигестивните проблеми се јавуваат не само кај мачињата, исто така и кај кучињата (почесто кај нив), кои знаат да украдат храна од ѓубрето, отколу предизвикани од самата промена на храна. Дигестивните тегоби не претставуваат сериозна болест кај вашите мачки и не морате веднаш да се обратите на ветеринар, меѓутоа, ако тие се проследени со повраќање или пролив, животното се става на строг пост, односно, веднаш треба да му се скрати храната и водата во наредните 24 часа и треба да се обратите на вашиот матичен ветеринар за дополнителни инструкции.
Сопствениците често пати грешат, кога после повраќањето веднаш на мачето му се нуди да пие вода неконтролирано, од страв да не дехидрира. Меѓутоа поголемата количина на вода кога ќе дојде во контакт со болната и веќе изиритирана слузница на дигестивниот систем, најчесто е повторно повратена, што значи дека животното додатно се исцрпува и уште повеќе губи течности.
Откако ќе поминат 24 часа од постот и ако повраќањето е смирено, можеме да почнеме да даваме мала количина вода која постепено ќе ја зголемуваме. Ако животното не ја поврати водата, може постепено да се даде мала количина на диетална храна.
Како да се постапи кога мачката има пролив?
Доколку вашата мачка има пролив без повраќање, на животното нема потреба да му се скрати водата, само ќе се намали нејзината количина. Во првите 24 часа на животното треба да му се скрати храната, а потоа да се храни со мала количина диететска храна, во чести интервали. Ако сами приготвувате храна тоа треба да биде од типот на добро сварен ориз со додаток на пилешко месо без кожа и коски кое добро ќе биде иситнето после варењето и понудено како оброк. Ако не можете да приготвите сами, честопати во пет амбуланитите може да набавите медицинска храна за гастроинтестинални пореметувања кај мачки, која е високо сварлива и богата со енергија.
За мачките медицинската храна освен во сув и конзервиран облик, доаѓа и во влажен облик во кесички, што во секој случај е добра варијанта со оглед на тоа дека мачките се јако пребирливи животни. Постепено се зголемува количината на храна, а со самото тоа се намалува бројот на оброци. Кога ќе бидеме сигурни дека миленикот ни е целосно опоравен (не повраќа и нема пролив), постепено се враќаме на неговата нормална исхрана, такашто диеталната храна ја додаваме во почетокот во мала количина, за подоцна да се скрати целосно и да остане вообичаената храна која миленикот ја јаде.
Доколку вашата мачка и после постот и диетата и понатака повраќа и има пролив, одведете ја на ветеринар за да не дојде до поголем губиток на течности. Проливот и повраќањето не секогаш мора да бидат опасни, но можат да бидат симптом за сериозни болести кај мачките.
Многу е важна општата состојба на мачките. Доколку мачката е безволна, одбива храна, неконтролирано повраќа и има пролив, има претерано чешање и губење на влакната, исцедок од очите, носот и устата, сето тоа се знаци дека со мачето нешто не е во ред, треба веднаш да се обратите на ветеринар, затоа што ако реагирате прекасно може да дојде до угинување на миленикот.
Чистење од паразити
Сите мачки, посебно оние кои ловат и оние кои се со слободно држење (излегуваат надвор) мораат да се исчистат од внатрешни паразити. Глисти имаат сите мачиња, дури и возрасните мачки кои немора да покажуваат никакви симптоми. Најочигледниот знак на инфестација со цревни паразити е наполнет и тврд абдомен проследен со пролив. Средствата против паразити се доста успешни и треба да бидат прилагодени според килажата на мачето, а за тоа најубаво ќе ви објасни вашиот ветеринар. Се препорачува на секои 2 – 3 месеци да се врши дехелментизација кај здрави мачки, доколку мачката е болна се советува пред давање на средствата за прочистување да се консултирате со вашиот ветеринар.