Некои луѓе имаат поголем ризик да развијат тежок ковид-19. Тоа се, на пример, луѓето на возраст од 65 или повеќе години и луѓето со некои постоечки здравствени состојби. Токму поради тоа вакцините најмногу се препорачуваат за овие групи луѓе.
Универзитетот Џон Хопкинс објави кои луѓе се изложени на поголем ризик од ковид-19 и зошто.
Постари луѓе и ковид-19
Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), 75 отсто од смртните случаи од ковид-19 до ноември 2021 година се однесувал на возрасната група од 65 години или постари. Зошто постарите лица се толку подложни на ковид?
Постарите луѓе имаат поголема веројатност да имаат некои веќе постоечки здравствени проблеми, поради што се изложени на поголем ризик од развој на тежок ковид.
Понатаму, имунолошкиот систем слабее со возраста, што им отежнува на постарите луѓе да се изборат со инфекциите.
Освен тоа, со текот на годините, ткивото на белите дробови станува поеластично, така што респираторните заболувања како што е ковид може да предизвикаат значителна загриженост кај постарите лица. Покрај тоа, воспаленијата кај постарите лица може да бидат доста силни и да предизвикаат сериозно оштетување на некои органи.
Постоечки здравствени проблеми
Без оглед на возраста, одредени болести исто така може да бидат причината поради која некои луѓе се изложени на поголем ризик да развијат тежок ковид.
Станува збор за болести како што се: хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), белодробна фиброза, белодробна емболија, белодробна хипертензија, интерстицијална болест на белите дробови, бронхопулмонална дисплазија, бронхиектазии и туберкулоза.
Понатаму, неколку студии покажаа дека пушачите исто така имаат поголема веројатност да развијат тежок ковид-19.
Срцеви болести и ковид-19
Иако ковид првенствено ги погодува дишните патишта и белите дробови, срцето работи за да донесе кислород до ткивата на телото. Кога белите дробови се преоптоварени поради болест, срцето мора да работи повеќе, што е особено напорно за луѓето кои имаат одредени срцеви проблеми како што се затајување на срцето, коронарна артериска болест или кардиомиопатија. Поради тоа, луѓето со срцеви проблеми може да бидат изложени на поголем ризик да развијат тежок ковид.
Рак и ковид-19
Луѓето кои се лекуваат од рак се исто така изложени на поголем ризик од тежок облик на ковид, а тоа особено се однесува на луѓето кои имаат леукемија.
Одредени начини на лекување на ракот, како што е хемотерапијата, може сериозно да го ослабат имунолошкиот систем, порадит што таквите пациенти може полесно да се заразат со коронавирусот.
Бременост и ковид-19
Ковид-19, исто така, може да има негативни ефекти и врз бременоста. Трудниците кои ќе се заразат со коронавирус се изложени на поголем ризик од тежок облик на болеста, компликации и смрт.
Одредени постоечки состојби како што се срцеви или белодробни болести исто така може да го зголемат ризикот кај трудниците. Бременоста исто така може да поттикне промени во имунолошкиот систем што може да ја направи личноста многу изложена и ранлива на респираторните вируси, наведуваат од Џон Хопкинс. Вакцините против ковид-19 се безбедни и делотворни и особено се препорачуваат за трудниците.
Дијабетес и ковид-19
Дијабетичарите исто така имаат зголемен ризик од развој на тежок облик на ковид-19. Дијабетесот ги интензивира воспаленијата и дополнително го ослабува имунолошкиот систем поради што лицето со оваа состојба потешко ќе се избори со болеста, генерално.
Имунокомпромитирани лица и ковид-19
Низа болести и медицински третмани може да го ослабат имунолошкиот систем и да го зголемат ризикот од тежок облик на ковид. Тоа вклучува некои наследни генетски состојби, нелекуван ХИВ, долготрајна употреба на стероиди, трансплантација и рак.
Ментални нарушувања и ковид
Истражувачите открија дека постои врска помеѓу некои ментални болести и зголемен ризик од хоспитализација и смрт од ковид. Овие состојби вклучуваат анксиозност, депресија и шизофренија.
Експертите сè уште се обидуваат подобро да ја разберат оваа поврзаност но на луѓето со овие проблеми им се препорачува да се вакцинираат против ковид за да се намали ризикот од тежок облик на болеста.
И некои невролошки состојби може да го зголемат ризикот од тежок ковид, како што се деменција, Алцхајмерова болест и други когнитивни и развојни проблеми.