Во големата акција за апсење на контроверзното меѓународно јога движење и неговиот гуру, Грегоријан Биволару (71), во Франција се уапсени повеќе од 40 лица осомничени дека се дел од оваа секта.
Сега полека излегуваат на површина деталите за тоа што се случувало во рамките на движењето и на што биле принудени учесниците да прават.
Да потсетиме дека тоа било меѓународно движење кое ја користело јогата за сексуални цели, а учесниците биле принудени да имаат односи, дури и со водачот на „Движењето за апсолутна духовна интеграција кон Апсолутот“ (Миса).
Движењето, основано од Грегоријан постои од 1990 година во Романија, а од 1995 година Биволару е „ментор на мисата“. Инаку, движењето било преименувано во Атман, кога почнало да се шири надвор од Романија.
Учењата на оваа школа се фокусирани на хинду традициите, особено на тантра јогата, што значи дека духовноста се буди преку сексуалноста. Како што дознава BFMTV, тоа е јога збогатена со Енеаграм (систем за откривање на личноста и подобро запознавање на себе), парапсихологија и астрологија.
Организацијата Атман е основана со цел „да ги условува жртвите да прифатат сексуални односи преку техники за ментална манипулација насочени кон отстранување на секој поим за согласност“.
Тие ги мотивирале жените „да прифатат сексуални односи со водачот на групата и да се препуштат на порнографски активности за кои биле платени во Франција и во странство“.
„Тие ме фотографираа и видеа гола. Не се спомнуваше да кажеш не, што веднаш те исклучува од кампот, што ѝ се случи на една девојка“, вели жртва на сектата.
Централната канцеларија за сузбивање насилство врз лица и одделот за судска полиција задолжен за истрага примиле три поплаки од жени кои биле затворени во организацијата и принудени на сексуални активности.
Случајот стана познат во летото 2022 година, кога Лигата за заштита на човековите права поднесе извештај против Миса, повикувајќи се на сведочењето на 12 поранешни членови. Истрагата започнала во јули годинава.
Ова не е првпат организацијата Атман да биде цел на истрага. Во Италија, во 2012 година, фирентинската полиција покрена истрага поради сомневањата дека се вршеле сексуални практики внатре во сектата.
Грегоријан Биволару, кој е познат како водач на сектата, е познат како „гуру“ од Романија.
Тој со години бил баран од Европол и е обвинет за девет кривични дела, вклучувајќи трговија со луѓе и сексуална злоупотреба, извршени во Франција и Финска во периодот од 2006 до 2013 година.
По него пред шест години беше распишана меѓународна потерница по барање на Финска. Го барале во Сибиње, но не бил пронајден во неговата куќа. Се верува дека ја напуштил Романија таа година и не се знаело дали оттогаш повторно влегол во земјата.
Инаку, Биволару пред шест години бил пуштен на условно од затворот во Бистрица, откако отслужил една година и два месеци казна од шест години затвор. Тој е осуден во 2013 година за секс со малолетничка, а бил испратен во затвор во јули 2016 година, откако бил фатен во Франција и екстрадиран во Романија.