Местото Даутбал кај Солун е во жалост по ненадејната смрт на 16-годишното девојче, кое почина во раните утрински часови во средата на Халкидики, откако претрпе алергиски шок.
Според мајката на несреќната тинејџерка, таа била во Ханиоти со пријателите на одмор. Тие излегле на забава во вторникот навечер, а потоа отишле да јадат во локалниот ресторан за брза храна во раните утрински часови, во средата.
Ќерка ми јадела виршла, но е алергична на млечни производи и отсекогаш била внимателна кога јаде надвор. Не знам што точно се случило, и дали има нешто млечно во тоа што јадела – рекла неутешната мајка.
Таа додала дека девојката колабиралa штом го изела хот-догот.
Една од нејзините пријателки веднаш истрчала во собата каде што престојувале да и донесат лекови, а во исто време повикале брза помош.
Меѓутоа, според мајката на жртвата, помошта пристигнала по 45 минути, кога веќе било доцна.
Од првите докази се чини дека моето девојче доживеало алергиски шок и затоа почина. Таа беше најубавото дете и почина на само 16 години, без помош. Во Здравствениот дом двапати се обиделе да ја вратат во живот, но не успеале – истакнала мајката.
Неутешната жена додала дека не знае зошто ѝ требало толку време на брзата помош да пристигне на местото на настанот.
– Беше пет часот наутро, немаше метеж – забележа таа.
„Прототема“ пишува дека 16-годишната девојка земала лекови во последните неколку години бидејќи страдала од епилептични напади.
Наводно прашала дали храната содржи состојки кои и биле забранети, бидејќи е алергична, пренесува медиумот.
Наводно во ресторанот и дале негативен одговор, а откако девојката го консумирала оброкот – доживеала алергиски шок.
Таа денеска ќе биде погребана во родното место, додека се чекаат резултатите од обдукцијата.