Пукање во скопски Бутел синоќа ги вознемири жителите, а станува збор за престрелка во која едно лице е убиено. Убиството се случи, на раскрсницата од булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски-Карпош“. Од МВР велат дека од првичните информации знаат дека е пукано од возило кон друго возило марка „голф“ во кое се превезувале две лица, а од кои едниот е убиен.
-Во СВР Скопје околу 22.00 часот е пријавено дека на паркинг кај раскрсницата од булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски-Карпош” од едно патничко возило биле испукани проектили кон патничко возило „голф“, во кое имало две лица, по што биле пренесени во Комплекс клиники “Мајка Тереза” за укажување на лекарска помош. Едното лице им подлегнало на повредите. Увидна екипа е на терен и се работи на расчистување на случајот, изјавија од МВР доцна синоќа.
Медиумите објавуваат дека убиениот е извесен К.И., додека пак скопјани кои живеат во близина на клинички центар, до доцна синоќа пишуваа дека амбулантни и полициски возила буквално „летаат“ кон болниците. Дел од нив пишуваат и дека „луѓе во цивилна облека, блиски на убиениот, се собрале пред клиника инсистирајќи лекарите да го реанимираат, по што интервенирале полицајци од ЕБР“.