Дваесетмина бизнисмени, банкари и сметководители се приведени по вчерашната акција под име „Рибар“ на Управата за финансиска полиција. Тие се осомничени дека од општинските каси на Тетово и Гостивар организирано извлекувале пари и ја оштетиле државата за над 1 милион евра.
Управата за финансиска полиција во кординација со скопското Основно јавно обвинителство поднесе кривични пријави против 20 физички и 15 правни лица, за сторени кривични дела: Даночно затајување, Злоупотреба на службената положба и Помагање, кои го оштетиле државниот буџетот по основ на Данок на додадена вредност, Данок на добивка и Персонален данок на доход во вкупен износ од 62.933.835 денари.
Осомничените се познати локални бизнисмени од Западна Македонија, има и луѓе кои имаат досие. Според 24.мк сопственикот кој имал добиено тендер за хортикултурно уредување е истиот кој го доби тендерот пред десетина години за влакнестите палми во Скопје и други градови кои своевремено се исушија.
Меѓу осомничените е и сопственик на фирма која редовно добивала тендери за асвалтирање на улици.
Во пријавата на финансиската полиција имало уште 7 граѓани и 15 фирми и за нив се уште се води предистражна постапка во обвинителството.
Според информациите на 24.мк, главниот организатор на групата починал во меѓувреме. Тој бил директор на банка во Тетово и имал сопствена канцеларија за сметководство. Еден од осомничените вчера бил фатен на граничниот премин Деве Баир, во обид да избега од Македонија.